Премиерот на Албанија, Еди Рама, најави задолжителна вакцинација за студентите и универзитетските професори, како и за сите вработени во универзитетите.
“Да не кажете после дека не ви реков, нема сакам не сакам. Велам не постои „сакам, не сакам“ за сите оние кои сакаат да бидат со другите. Треба сите да знаат дека ако некој не сака да се вакцинира го загрозува животот на другиот. Невозможно е да си дозволиме да имаме непотребна ескалација на бројките и потоа да одиме на мерки што никогаш не треба да се вратат во Албанија”, рекол Рама, пренесува “МИА”.
Рама рекол дека има интензивна комуникација со сите ректорати за да се посочат опасностите од Делта сојот.
При посетата на студентскиот град во Тирана, каде албанската влада реши да ги смести авганистанските бегалци, Рама изјавил дека е можно тоа и да не се случи со оглед на тоа дека нивното пристигнување доцни од познати причини.
“Нивното пристигнување доцни, па можеби нема да биде потребно, затоа што хотелските капацитети по сезоната ќе бидат ослободени. Но, во сите случаи важно е да биде јасно дека не се работи за отстранување студенти и доведување авганистански бегалци, туку за користење на домовите во време пред почетокот на новата академска година”, изјавил албанскиот премиер.