Научниците предупредуваат: Растојанието од 2 метри во затворен простор не го спречува ширењето на коронавирусот

Откако беше прогласена пандемија на коронавирусот во светот, едно од златните правила за спречување на ширењето на заразата беше држењето на растојание од барем 2 метри во затворен и 1,5 метри на отворен простор. Но, истражувањето кое го направија научниците од „МИТ“ покажа дека тоа и не е баш така.

Како што објавија, правилото се темели на застарено размислување за тоа како коронавирусот се движи во затворен простор. На почетокот на пандемијата се веруваше дека вирусот се шири преку мали капки кои настануваат при издишување, зборување, кашлање или кивање. Но, новото истражување укажува на тоа дека честичките на вирусот лебдат на лесните капки на аеросолите кои можат да останат во воздух и да се прошират на поголема дистанца.

Поради тоа, научниците од „МИТ“ велат дека при одредувањето на безбедното растојание, во предвид треба да се земат и многу други варијабли, како бројот на луѓе во просторијата, дали носат сите маски и каква е вентилацијата во тој простор.

Имено, во просторот во кој луѓето не се движат, туку седат, јадат или пеат, капките полека паѓаат на тлото. Но, во просторот во кој луѓето се движат, капките остануваат во воздухот и се шират на поголема дистанца. Ризикот во еден таков случај може да се намали со добра вентилација и филтрирање на воздухот.

Во студијата која што беше објавена во магазинот “PNAS” се вели дека за контрола на изложеноста на коронавирусот потребно е да се спроведат индивидуални пресметки темелени на варијабли поврзани со секој поединечен простор.

Поради тоа, професорите по применета математика на „МИТ“, Марк Базант и Џон Буш развија формула која треба да процени колку долго е безбедно да се престојува во некој простор, пред ризикот од инфекцијата да стане преголем. Формулата во предвид го зема бројот на луѓе во просторијата, големината на просторијата, што прават тие луѓе, дали носат маски и каква е вентилацијата под услов во просторијата да има само едно лице кое е заразено со коронавирус.

Користејќи ја таа формула, може да се пресмета безбедната оддалеченост која зависно од варијаблите, може да биде 2, но и 20 метри.