Напуштеното одморалиште на Хитлер стана нова туристичка атракција

Одморалиштето кое се протега речиси 5 километри долж брегот на Балтичкото Море, се претвора во најдолгиот хотел на светот.

Хитлеровиот комплекс на островот Риген, планиран за 20.000 гости, претставува бизарно историско наследство.

Три години пред германскиот напад врз Полска во 1939 година, Хитлер наредил изградба на најголемиот светски туристички комплекс, на брегот на островот Риген.

Одморалиштето наречено „Прора“ со капацитет од 20.000 кревети требало да служи како место за одмор на германските фабрички работници кои во тоа време работеле без престан.

Сепак, по почетокот на Втората светска војна, работниците биле вратени во фабриките и изградбата на „Прора“ била запрена. Во текот на 3-те години изградба, повеќе од 9 илјади работници го изградиле туристичкиот комплекс.

По повеќе од 60 години, комплексот „Прора“ повторно стана актуелен, кога правата за негово обновување ги купи германската компанија „Metropole Marketing“.

Од 2018 година, „Прора“ официјално стана одморалиште.

Моментално постои сомнеж дали минатото на објектот ќе влијае врз заинтересираноста за купување или сепак ќе стане само уште еден луксузен комплекс за одмор на богатите туристи.

Хотелот располага со 10.000 соби. Во комплексот се наоѓаат хотел, младински хостел, бања, продавници со луксузна роба и ресторани. Во буковата шума на островот Реген се наоѓа видиковец во облик на око, кој е отворен во 2013 година.