
Директори на 11 големи болници во Русија напишаа отворено писмо упатено до сите антиваксери, како и до оние политичари и другите познати личности кои се сомневаат во ефикасноста на вакцинацијата. Тие им порачаа да ги посетат црвените зони на медицинските установи и да ги видат пациентите, како и последиците од Ковид-19 вирусот.
Помеѓу поканетите се комунистичкиот лидер Генадиј Зјуганов, потоа претседателот на „Праведна Русија“ Сергеј Миронов, потпретседателот на парламентот Петар Толстој, како и група познати актери и музичари кои јавно го искажуваат својот анти-ваксерски став.
Државната здравствена организација, која меѓу другото се занимава со контрола на здравствената состојба, во средата доставила информации до државното обвинителство и до Истражниот комитет за 37 лица кои јавно водат кампања против вакцинацијата на граѓаните. Доставените информации се прилично чудни, бидејќи според нив, има само еден анти-ваксер во Санкт Петербург и Ленинградската област, како и во областа Томск и Јакутија, додека во Карелија има дури 18 анти-ваксери.
Списокот на анти-ваксери е направен врз основа на појавувањата во медиумите, како и активностите на социјалните мрежи. Властите се особено загрижени дека голем број медицински лица лажно шират информации за штетноста на вакцината против Ковид-19.
За ширење лажни информации кои би можеле да ги загрозат животите на луѓето се предвидени казни од 300.000 до 700.000 рубли, како и 360 часа задолжителна опшествено-одговорна работа. А доколку во случаи кога лажните информации доведуваат до опасност по животот, казната е предвидена од 700 илјади до еден милион рубли. Предвидена е и затворска казна до три години. Анти-ваксер кој ширел лажни информации и поради негова вина некој умрел, може да добие затворска казна и до пет години.
Директорот на Центарот за епидемиологија и микробиологија Гамалеја, академик Александар Гинзбург го поддржа предлогот за одземање на дипломите на докторите кои ги убедуваат граѓаните да не се вакцинираат. Рускиот сенатор и магистер по медицински науки Александар Башкин предложи доживотно да им се одземат дипломите на докторите кои ги убедуваат луѓето да не се вакцинираат против Ковид-19.
Во Русија во последните недели е забележан рекорден број на смртни случаи како последица од Ковид-19. Медицинската статистика покажува дека главно луѓето кои починале биле невакцинирани. Лекарите од црвената зона објаснуваат дека вакцинираните главно полесно го преболуваат вирусот, иако се заразени. А особено изложени на ризик се луѓето кои имаат хронична болест а се не вакцинирани.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој пред неколку дена ја прими ревкацинацијата, бидејќи поминаа повеќе од шест месеци од неговата вакцинација, е против воведувањето на задолжителна вакцинација. Тој смета дека докторите, но и другите луѓе на кои народот им верува и има доверба, со својот пример треба да им покажат на граѓаните дека треба да се вакцинираат и на тој начин да се заштитат од опасниот вирус.