На 100 метри од Градска болница лежел онесвестен човек, од Брза помош рекле: „Мириснете го дали е пијан!“

ТВ 21 објави видео од центарот на Скопје, каде паднато лице на улица чекало половина час да пристигне Брза помош.

Околу 16:50 часот минувачи во паркот „Жена воин“ во Скопје, случајни минувачи забележале лице како лежи на земја. Во 16:51 часот повикале Брза помош. Операторката за итни случаи го прашала повикувачот што има човекот на лицето, дали е некој пијан и дали може да го почувствува мирисот на алкохол. Никој не можел да го направи тоа, уште помалку во време на пандемија. Од Брза помош, наместо помош, рекле да се повика полиција. Истата била повикана кратко пред 17 часот. За тоа време, лицето сè уште лежело на земја, со крваво лице, на 100-на метри од Градската болница.

Google search engine

На полицијата ѝ биле потребни 10 минути да стигне, но и кога конечно дошла не можела да преземе ништо, бидејќи потребна била медицинска помош, која ја побарале. Во меѓувреме, лицето кое лежело почнало да се освестува, но сепак тешко комуницирало, пренесува „ТВ 21“.

Човекот единствено што успеал да ѝ потврди на полицијата е дека паднал сам и дека никој не го нападнал.

Во 17:20 пристигнала Брза помош. Од првото пријавување на случајот до моментот кога пристигнал медицински персонал, поминале цели 30 минути.

Откако Брзата помош пристигнала, лицето веќе било во свесна состојба, но видно исплашено.