Молекуларниот биолог Идриз Дурмиш: Дали во портокалот навистина има присуство на Sars-CoV-2?

Откако во јавноста се актуелизираше прашањето за начинот на кој функционираат брзите антиген тестови и дали тие се доволна метода која може да го забележи присуството на ковид19, на својот личен фејсбук профил се огласи и молекуларниот биолог Идриз Дурмиш од лабораторијата за генетика и персонализирана медицина „Жан Митрев“.

Тој првично сподели видео во кое се гледа јасно како поединец истиснува сок од портокал на местото од антиген тестот каде што треба да се аплицира примерокот од брис.

Google search engine

Резултатот што тој го добива верувале или не е позитивен.

Инспириран од тоа видео Идриз Дурмиш објасни дали портокалот навистина има присуство на Sars-Cov-2 или можеби суштинскиот проблем е во начинот на кој се дизајнирани брзите антиген тестови да го детектираат овој вирус.

Неговиот фејсбук статус го пренесуваме во целост:

Дали во портокалот навистина има присуство на Sars-CoV-2? За да го одговорам прашањево накратко ќе го објаснам принципот на работа на антигенските тестови.

Брзите антигенски тестови користат нитроцелулозна мембрана (тоа е видливата хартија на тестот) на која се наоѓаат антитела кои се врзуваат за специфични делови на површината на вирусот (антигени). Доколку во примерокот има присуство на Sars-CoV-2 тогаш ќе се појави црвена линија на Т.

Како и зошто портокалот покажува позитивен антигенски тест? Антителата кои се наоѓаат на нитроцелулозната мембрана функционираат на одредена pH вредност (просто кажано дали растворот е кисел или базен).

Секоја течност со различна pH вредност (сок од портокал, газиран сок, па дури и обична вода од чешма) ќе интерферира на тестот и ќе ја наруши функцијата на антителата при што антителата и на C и на T ќе дадат обојување.

Ова е една од главните причини зошто се користи назофарингијален брис за антигенските тестови, а не брис од грло.

За антигенските тестови да дадат точен резултат се користат соодветни пуфери каде што се става брисот. Тие пуфери имаат соодветна pH вредност која им дозволува на антителата нормално да функционираат.

За разлика од антигенските тестови, PCR тестовите имаат сосема различен принцип на работа. Сепак, PCR тестовите остануваат и ќе останат златен стандард за дијагностицирање на Sars-CoV-2.

 

ПретходнаАмериканскиот Врховен суд ја блокираше задолжителната вакцинација во големите компании
СледнаД-р Беќаровски: Вистинските независни интелектуалци во Бугарија и Македонија, за 24 часа можат да ги решат меѓусебните недоразбирања