МНР објави список со имињата на преживеаните од автобуската несреќа

Министерството за надворешни работи доби официјална потврда од надлежните институции на Бугарија за седум повредени патници во автобуската несреќа на автопатот Струма, близу Софија.

  1. Ебип Пајазитовски (24.09.1972), државјанин на Северна Македонија
  2. Ѓула Јашаровска (16.06.1972), државјанин на Северна Македонија
  3. Зулејха Јашаровска (12.05.2005), државјанин на Северна Македонија
  4. Минир Јашаровски (06.01.1971), државјанин на Северна Македонија
  5. Медина Љутвиј (21.05.1996), државјанин на Северна Македонија
  6. Љуљзим Сулејмани (04.05.1995), државјанин на Србија
  7. Орхан Алити (12.04.1976), државјанин на Белгија.

Од МНР велат дека тие се во добра здравствена состојба и во моментов се хоспитализирани во софиската државна болница „Пирогов“.

Роднини на патниците кои патувале со автобусот на „Беса транс“ со часови се обидуваат да добијат информации за судбината на нивните најблиски, но канцеларијата на агенцијата кај Мвровка е затворена, а на телефоните никој не одговара.

Од изјавата на обвинителката Вилма Русковска за бугарските медиуми се дознава дека сопственикот на компанијата „Беса транс“ е на самото место на трагедијата.

Роднини на патниците кои биле во автобусот веќе се во Бугарија, каде од самата болница „Пирогов“ се информираат за судбината на своите најблиски. Во изјјавите што ги емитуваат бугарските медиуми, еден наш државјанин вели дека имал седуммина роднини на ова патување и досега успеал да исконтактира со четворица, додека за другите чека информација од болницата.

Она што ја комплицира ситуацијата, според изјавите на бугарските претставници е што на ова патување имало четири автобуси на истата фирма, и можно е некои од патниците при застанувањата да се префрлале во автобусите. Поради тоа тешко е да се одреди кои се патниците што загинале во изгорениот автобус – дали е според списокот или се некои други од другите автобуси.