Пушењето цигари е број 1 предизвикувач на ризик за рак на белите дробови, а тутунските производи предизвикуваат до 90 отсто од смртните случаи на рак на белите дробови само во САД.
Без сомнеж, најсигурниот начин да се заштитите од рак на белите дробови е да избегнувате пушење цигари, а сепак во истовреме, исто така е точно дека не сите доживотни пушачи се осудени на развој на ваков вид рак. Всушност, огромното мнозинство за среќа не го развива. Научниците долго време се прашуваа зошто, а новата студија оди во прилог на идејата дека генетиката има улога во тоа.
Меѓу луѓето кои пушат, но никогаш не заболуваат од рак на белите дробови, научниците пронашле инхерентна предност. Се чини дека е помалку веројатно клетките што ги обложуваат нивните бели дробови да мутираат со текот на времето. Резултатите од новата студија објавена во научното списание „Nature“ сугерираат дека гените за поправка на ДНК се поактивни кај некои поединци, кои можат да се заштитат од рак, дури и кога редовно пушат цигари.

Во истражувањето биле користени генетски профили земени од бронхиите на 14 непушачи и 19 лесни, умерени и тешки пушачи. Површинските клетки собрани од белите дробови на учесниците биле секвенционирани поединечно за да се измерат мутациите во нивните геноми.
Овие белодробни клетки преживуваат со години, дури и децении, и затоа можат да акумулираат мутации со годините и пушењето. Од сите типови на белодробни клетки, тие имаат најголема веројатност да станат канцерогени, објаснува епидемиологот и пулмолог Сајмон Спивак од Медицинскиот факултет Алберт Ајнштајн.

Според авторите на студијата, резултатите „недвосмислено покажуваат“ дека мутациите во човечките бели дробови се зголемуваат со природната возраст, а кај пушачите оштетувањето на ДНК е уште позначајно. Чадот од тутун долго време се поврзуваше со предизвикување оштетување на ДНК во белите дробови, но новата студија покажува дека не сите пушачи се под еднаков ризик да развијат рак на белите дробови.
Додека количеството на цигари кои некој ги пуши би било поврзано со зголемување на стапката на мутација на клетките, по приближно 23 години пушење по една кутија дневно, тој ризик го достигнува својот врв.
Постојат повеќе фактори
„Најголемите пушачи немале најголемо оптоварување со мутации. Нашите податоци сугерираат дека овие поединци можеби преживеале толку долго и покрај нивното тешко пушење, бидејќи успеале да ја сузбијат понатамошната акумулација на мутации. Ова изедначување на мутациите би можело да произлезе од тоа што овие луѓе имаат многу стручни системи за поправка на оштетувањето на ДНК или детоксикација од чадот од цигарите“, вели Спивак.
Резултатите од студијата би можеле да помогнат во објаснувањето зошто 80 до 90 отсто од доживотните пушачи никогаш не добиваат рак на белите дробови. Исто така, резултатите би можеле да помогнат да се објасни зошто некои луѓе кои воопшто не пушат, развиваат тумори. Додека се чини дека токсичниот чад од цигарите предизвикува дополнителни клеточни мутации во белите дробови, дали тие мутации ќе се развијат во тумори зависи од тоа колку добро телото може да ја поправи ДНК или да го намали оштетувањето на ДНК.

Гените вклучени во поправката на ДНК можат да бидат наследни или стекнати, но сепак не се единствените фактори кои влијаат на ризикот од рак кај една личност. Факторите на животната средина, како што е исхраната, исто така може да влијаат на хранливите материи во телото кои влијаат на развој на тумор.
Она што го прави телото на поединецот подобро во поправка на ДНК е сè уште предмет на расправа и веројатно комплицирано, но новите откритија сугерираат дека овој процес е тесно поврзан со развојот на рак на белите дробови.
„Сега сакаме да развиеме нови тестови кои можат да измерат нечиј капацитет за поправка на ДНК или детоксикација, што би можело да понуди нов начин за процена на нечиј ризик од рак на белите дробови“, вели генетичарот Јан Вијг.