Мислел дека се усреќил со куќа за 1 евро: По купувањето на недвижнина во Италија наишол на неочекуван хорор

Британецот купил куќа во Италија за 1 евро, но тоа се претворило во целосен кошмар, бидејќи не можел да најде градежници да ја реновираат.

58-годишниот Дени Мекабин купил куќа за само евро во Мусомели на Сицилија, по што таму се преселил од Лондон во 2020-та година. Сместен во историскиот дел на градот, на имотот очајнички му било потребно реновирање, а тој бил подготвен да ја заврши потребната работа за да создаде дом од соништата.

Google search engine

Неколку градови на идилични локации во рурална Италија на странци почнале да им нудат напуштени домови по навистина ниски цени, за да го сопрат намалувањето на нивната популација.

 

Меѓутоа, тоа што Мекабин не го очекувал било недостигот на градежници во Италија, кој бил предизвикан од новите даночни олеснувања за реновирање на домови.

Поради долгото чекање на градежниот тим, открил дека трошоците за реновирање на големо пораснале, бидејќи во куќата требало да се завршат повеќе работи. Зборувајќи за медиумите, Мекабин, кој работел за фондацијата “Jamie Oliver Fifteen”, рекол: „Беше многу тешко да се пронајде градежник и со време куќата пропаѓаше“.

„Додека да најдам градежна компанија, реновирањето беше двојно поскапо. Одлучив дека повеќе не вреди“.

Италијанската влада моментално им нуди на сопствениците на куќи субвенции за еколошко реновирање и надградби кои ќе ги направат куќите поотпорни на земјотреси.

Оваа политика довела до тоа илјадници домаќинства да ја искористат можноста да ги обноват своите домови, што потоа довело до недостиг на градежници.

Поради сето тоа морал да го продаде својот имот назад во агенцијата за недвижнини откако неколку месеци не пронашол градежници.

Меѓутоа, откако се откажал од куќата за едно евро, пронашол уште еден проект за реновирање откако купил евтина куќа во Мусомели за 8.000 евра.

Овој пат успеал да пронајде двајца градежници кои за него одвоиле две седмици работа меѓу другите поголеми проекти.

Откако потрошил 5.000 евра на поправка на куќата, Мекабин брзо се вселил и отворил кујна на главниот градски плоштад за да направи бесплатни оброци за загрозените семејства.

„Се доселив тука кон крајот на декември 2020-та година, бидејќи сакав да живеам во Италија кога се случи Брегзит“, рекол тој.

„Отсекогаш сум сакал да живеам на Сицилија, моите родители сакаа села. Па се прашав што недостасува во Мусомели и ми дојде идејата за добра кујна“, заклучил Мекабин.