Милионерите купуваат бункери: Овие се најбараните места во случај на пропаст на цивилизацијата (фото)

Според резултатите од новата студија, Нов Зеланд, Исланд, Велика Британија и Ирска се најдобрите места за да се преживее евентуалниот глобален колапс на цивилизацијата.

Истражувачите во истата студија рекоа дека човечката цивилизација е во опасна состојба поради премногу поврзаното и од енергијата зависно општество што предизвика голема штета на природата и дека колапсот на цивилизацијата може да уследи поради разни шокови, како што се финансиската криза, климатска криза, уништување на природата, пишува британски Гардијан.

Google search engine

Една од можните опасности е пандемија што би била уште полоша од сегашната пандемија со корона вирусот.

Острови со умерена клима, со релативно мала густина на население, се појавија на врвот на листата.

Причината зошто овие островски држави се рангирани високо е тоа што истражувачите ја измерија подготвеноста на нацијата за општа катастрофа со способноста на нацијата да произведе доволно храна за сопственото население, да ги брани своите граници од несакана масовна миграција, да ја одржува електричната мрежа и да произведе она што е потребно за нормално функционирање на општеството.

Сепак, истражувачите истакнаа дека нивната студија покажала дека постојат фактори на кои мора да работи една нација за да ја зголеми својата отпорност кон катастрофи. Тие посочија дека глобализираното општество, кое високо ја цени економската ефикасност, ја намали отпорноста на одделни држави да реагираат на ненадејни кризи – пред се, да имаат вишок храна и други витални потреби.

Нов Зеланд на врвот на листата на најбезбедни земји не е изненадување за познавачите.

Милијардерите веќе купуваат земјиште на кое ќе изградат бункери во Нов Зеланд, што би одолеале на можната апокалипса.

За професорот Алед Џоунс, од Институтот за глобална одржливост на Универзитетот Англија Раскин во Обединетото Кралство, Нов Зеланд е совршен затоа што има клучни предуслови – нема копнена врска со други територии и има умерена клима.

Она што е изненадување за него е присуството на Велика Британија на листата на земји што би можеле да ја преживеат апокалипсата.

Бевме изненадени, Обединетото Кралство е густо населено, добар дел од индустријата сега е надвор од земјата, ние произведуваме само 50 отсто од потребната храна и не би можеле брзо да ја произведеме технологијата што ни треба. Сепак, имаме потенцијал да издржиме големи турбуленции, вели Џоунс.

Во студијата, објавена од списанието Sustanbility, се вели дека „енергетски интензивната индустриска цивилизација што ја карактеризира модерната ера, која го опфаќа целиот свет, е аномалија во историјата на човештвото“.

Студијата исто така тврди дека поради уништување на природата, ограничени ресурси и раст на населението, во литературата е вообичаено цивилизацијата да е во опасност од многу страни.

Местата што не претрпеле „најтешки последици од социјалните колапси и затоа се способни да одржат значителна популација“, се опишани како „чамци за спасување во време на катастрофа“, се вели во студијата.

Откриено е дека Нов Зеланд има најголем потенцијал за опстанок поради геотермалната и хидроелектричната енергија, изобилството земјоделско земјиште и малата густина на човечката популација.