Војводата и војвотката од Сасекс, во интервјуто кај Опра Винфри раскажале дека тајно се венчале 3 дена пред романтичната венчавка која ја следеше целиот свет, за да имаат „нешто за себе“ и за да можат да го сочуваат споменот од тој приватен, убав момент.
Сепак, еден англиски викар тврди дека тоа сигурно не се случило.
Како што објаснила Меган, таа и Хари го повикале кантерберискиот надбискуп и му кажале дека гламурозната венчавка е спектакл за светот и дека сакаат сами да го започнат својот брачен живот, на што принцот додал дека само тие тројца биле на таа интимна венчавка – тој, Меган и надбискупот.

Меѓутоа, како што пренесуваат британските медиуми, тамошната црква налага венчавката да се случи на јавно место, каде што луѓето можат евентуално да дадат приговор на склопувањето на бракот и дека тоа не може да се случи во дворецот без сведоци.
Викарот на англиската црква, Дејвид Грин, пишувал на Твитер за овој чин по интервјуто и истакнал дека тоа што го тврдат Меган и Хари не е возможно.
„Не е возможно двапати да се венчаат. Што било тогаш тоа 3 дена пред јавната церемонија? И ако било склопување брак, што правиме тогаш? Склопуваме свет брак само поради камерите?“, се запрашал тој, но подоцна го избришал твитот.

Доколку ова било лага, тогаш тоа наводно не е единствената изговорена лага во интервјуто – Меган рекла дека не знаела кој е принцот Хари сè додека не го запознала, додека нејзината пријателка од детството, Нинаки Приди, тврди дека Меган била опседната со британското кралско семејство додека растела, а позната е нивната заедничка фотографија од тинејџерските денови на која позираат пред Бакингемската палата.
„Таа сака да биде новата принцеза Дајана“, вели Приди.
„Кралското семејство ја фасцинираше. Имаше една од книгите на принцезата Дајана на полицата, дури и кога беше омажена за Тревор ми кажа дека сака да оди во Лондон на еден месец… Не сум шокирана, ниту изненадена што слушам за неа и за принцот Хари. Го обожаваше филмот „The Princess Diaries“ за обична девојка која станува дел од кралско семејство. Многу ѝ се допаѓаше таа идеја“, изјавилa Нинаки откако се дознало за врската на Меган и Хари.