Гигантскиот товарен брод Евер Гивен беше заглавен во Суецкиот канал пред еден месец.
Последиците за светскиот ланец на снабдување се чувствуваат и денес. Но, што стана со тој брод?
Шефот на управата на Суецкиот канал (СЦА) изјави денес дека се надева дека наскоро ќе вродат со плод новите разговори со сопственикот и осигурителот на огромниот товарен брод Евер Гивен, кој минатиот месец го блокираше водниот пат шест дена.
Екипажот на бродот не е приведен и може да го напушти бродот или да биде заменет, додека капетанот останува на бродот како чувар на бродот и неговиот товар, се наведува во изјавата на претседателот на СЦА, Осама Раби, пренесува Ројтерс.
Како што пишува Дојче веле, пред еден месец целиот свет зборуваше за товарен брод кој се насука во Суецкиот канал, така што никој друг брод не можеше да го помине патот. На социјалните мрежи, гигантскиот брод стана предмет на потсмев, а синџирите на светската логистика не се вратија во нормала до денес.
За компанијата и екипажот на бродот, Суецкиот канал се чини дека стана судбина. Евер Гивен можеше да ја продолжи својата одисеја до Ротердам, каде што беше крајната дестинација, и конечно да ги испорача контејнерите што ги носеше со себе. Бродот е во пловна состојба, 25 членови на екипажот едвај чекаат да исплови.
Но, тоа не е можно.
Египетската администрација на Суецкиот канал бара 916 милиони долари отштета од компанијата на која припаѓа бродот. Тоа е, велат тие, штетата што е создаден поради шестдневна блокада кога четиристотини бродови чекаа од двете страни на каналот. Една третина од овие трошоци, според Египќаните, биле направени во комплицираното ослободување на заглавениот гигант.
Таа сума треба да ја плати јапонската компанија Shoei Kisen и нејзината панамска ќерка Luster Maritime. Тие не сакаат да зборуваат со тамошните медиуми, но агенцијата Ројтерс известува дека тие понудиле само сто милиони долари.
Така, Египќаните како хипотека чуваат брод со 18.000 контејнери полни со стока. Екипажот беше заробен на палубата, само на две лица им беше дозволено да излезат на брегот поради здравствени проблеми.
Бродската компанија БСМ со седиште во Хамбург, која управува со сообраќајот на бродот, ја нарече одлуката да се задржат бродот и екипажот „крајно разочарувачка“. Тие велат дека не е направена штета на животната средина и компанијата на која и припаѓа Евер Гивен соработува со истражителите. Досега, наводно, не е пронајдена техничка причина за инцидентот.
Верзијата што најчесто се слуша е дека силниот ветер го нарушил текот на бродот на 23 март, кога се насукал попречно. Во исто време, како што велат некои експерти, наредените контејнери делувале како едра, што го засилувало дејството на ветерот.
Но, официјалната истрага сè уште не е завршена. Затоа Египјаните и Јапонците не можат да се согласат за казната. Јасно е, сепак, дека времето работи за Египјаните – затоа што операторите на бродот ниту можат да го користат својот најголем брод, ниту можат да сметаат на вечно разбирање за клиентите што ги чекаат контејнерите.
Осигурителната компанија која работи за Shoe Kisen сега објави дека бара правда за заплена на бродот пред локалниот суд во Исмаилија, на околу десет километри каде што беше задржан бродот.
Првото рочиште е закажано за 4 мај, но кој знае колку недели или месеци може да трае процесот. Малкумина сметаат дека египетскиот суд може да донесе одлука против државна компанија што управува со Суецкиот канал.
Се постави прашањето колку повеќе ќе треба да издржи екипажот на бродот – составен од Индијци. Египќаните не треба да ги држат во заложништво, објави претходно индискиот синдикат на морнари АИСУ. Но, тоа тешко ќе помогне, ако се знае за еден друг пример.
Имено, на околу стотина километри јужно, на влезот во Суецкиот канал, бродот МВ Аман е закотвен од јули 2017 година. Тој брод на Бахреин беше запрен поради несогласувања околу безбедносната опрема и сметките за гориво. Египетскиот суд го прогласи првиот офицер на бродот, Мохамед Ајша, за правно одговорен за тој брод.
Аиша го напушти палубата само минатиот петок, по повеќемесечни борби на Меѓународниот синдикат на морепловци. Тој помина скоро четири години на бродот.