Десет лица, меѓу кои и еден полицаец се убиени во вооружен напад во Колорадо, а осомничениот напаѓач е уапсен.
Бројот на жртвите го соопшти шефот на локалната полиција Марис Херолд. Полицајците го извеле осомничениот од супермаркетот со лисици на рацете, а од полицијата не соопштија кој бил мотивот за нападот.
До вооружениот напад дошло во продавницата „Кинг Суперс“ во Болдер, град на околу 40 километри северозападно од Денвер.
„Ова е трагедија и кошмар за округот Болдер. Добивме соработка и поддршка од локалните, државните и федералните власти“, изјави обвинителот Мајкл Доерти непосредно после нападот.
Голем број на полицајци и специјалци биле распоредени пред супермаркетот, а најмалку три хеликоптери слетале на покривот на објектот. Набрзо потоа, преку разглас полицијата го известила напаѓачот дека е опколен и треба да се предаде.
Гувернерот на Колорадо, Џаред Полис на „Твитер“ напиша дека „срцето му е скршено“ додека ги следи „незамисливите сцени во Болдер“, додека од ФБИ се огласија и соопштија дека нивните оперативци помагаат во истрагата по барање на локалната полиција.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки ја извести јавноста дека и претседателот на САД, Џо Бајден е известен за вооружениот напад во Болдер.