Левица: Владата набавува оклопни возила за 210 милиони долари додека народот тоне во сиромаштија

Во реакцијата на Левица до јавноста се наведува дека додека здравството е во колапс, а народот тоне во сиромаштија, Владата троши народни пари за купување на американско оружје.

Од Левица пренесуваат дека денеска во САД излегле информации дека Стејт Департментот а одобрил набавката на 54 оклопни борбени возила, што било соопштено од страна на Агенцијата за соработка во областа на одбранта (DSCA).

Google search engine

Според Левица, оваа набавка е крајно скандалозна од неколку причини. Пред сѐ, трошењето на 210 милиони долари државни пари е неприфатливо и недозволиво во услови на огромна сиромаштија, здравствен и економски колапс. Од друга страна, покрај тоа што Македонија за членството во НАТО секоја година плаќа приближно 1 милион долари чланарина, како и токму поради членството во оваа воена организација, нашата држава е обврзана секоја година за буџетот за одбрана да издвојува 2% од БДП, односно 11 милијарди денари, колку што тој изнесува оваа година. Па ваквите дополнителни енормни буџетски издатоци за воена опрема произведена од САД се ништо друго освен искористување на нашата држава за финансирање на американскиот воен и империјалистички апарат, кој потоа служи за водење на нелегални војни и страдања ширум светот.

Преку соопштение Министерството за одбрана ја извести јавноста за оваа набавка.

Во соопштението стои дека Владата на Македонија нарачала воена опрема во вкупна вредност од околу 210 милиони долари. Покрај 54 оклопни возила Страјкер, Владата нарачала и друг вид на воена опрема како: возила за пешадиски превозник М1126 (ICV) и командни возила M1130 (CV), како и митралези, фрлачи на гранати и придружни резервни делови, радија Харис, станица за управување со далечинско оружје (CROWS), GPS приемник за одбрана; AN / VAS-5 Driver’s Vision Enhancer; резервни делови и компоненти; посебни алатки и опрема за тестирање; публикации и технички прирачници; обуки; технички и логистички услуги за поддршка и други сродни елементи на програма и логистичка поддршка и слично.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Ве информираме дека американскиот Стејт Департмент ја одобри набавката на 54 лесни оклопни возила од типот „STRYKER“ од страна на Владата на Северна Македонија за потребите врзани со модернизацијата на македонската Армија во согласност со стандардите на НАТО.

Набавката во вкупна вредност од околу 210 милиони долари е продолжување на веќе започнатиот повеќегодишен проект (2019-2024) за набавка на Лесни оклопни возила (ЛОВ) како главен проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности (ДПРОС) за модернизација и опремување на Армијата.

По одлука на Владата на Република Северна Македонија проектот се реализира како повеќегодишен проект во соработка со Владата на САД користејки ја програмата Foreign military sales (FMS), при што се користат и американските фондови ERIP, CRIFF и програмата 333 со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25% од вкупната сума.

Проектот се реализира како договор „Влада со Влада“ со Владата на САД и вклучува набавка од две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа „Oshkosh Defense” и „General Dynamics Land Systems“. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата „Oshkosh Defense” и до сега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија.

Со објавување на одлуката на Конгресот на САД за одобрување на склучувањето на договорот за набавка на ЛОВ „STRYKER“ од компанијата „General Dynamics Land Systems” влегува во финалната фаза на заокружување севкупниот проект за опремување со ЛОВ. Согласно ДПРОС и предвидените национални буџетски средства се планира во првата фаза да бидат набавени околу 20 возила „STRYKER“. Испораката на возилата се очекува да отпочне од 2022 година.

Со реализација на овој проект за опремување и модернизација на Армијата покрај исполнување на побарувањата за интероперабилност произлезени од НАТО пакетот на цели на способности, се овозможува Република Северна Македонија да ги проектира и заштити своите витални и национални интереси.

Во известувањето на Американската агенција за соработка во одбраната стои дека предложената набавка „ќе ја подобри безбедноста на сојузникот во НАТО, што е важна сила за политичка и економска стабилност во Европа, односно ќе ја подобри способноста на Северна Македонија да одговори на сегашните и идните закани со зголемување на оперативните способности, достапноста на силите и унапредувањето на воената соработка”.