Откако Владата на Република Македонија донесе одлука од 1 март да ја „замрзне“ цената на лебот на 33 денари, главните компании одлучија да прекинат со производството и така да го покажат својот револт.
Дел од македонските граѓани преку анегдоти, сарказам и иронија ја коментираат новонастанатата состојба со лебот во Македонија, откако дел од маркетите веќе немаат полубел и бел леб, рафтовите се празни…
Откако Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, пекарите останаа доследни на својата одлука и од вчера не испорачуваат леб во маркетите и во помалите продавници.
Во изјава за МИА, претставници од пекарската индустрија посочија дека замрзнувањето на цената на лебот се коси со уставното право за слобода на пазарот и велат дека се подготвени за разговор со надлежните институции, но само доколку добијат официјална покана, а не повик или апел упатен од прес-конференција.
„Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова ѝ се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив“, потенцира во разговор за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Твитерџиите „се фатија за работа“, па не чекаа долго за да ги споделат своите досетки на социјалната мрежа Твитер.

