Лавров ја откажа посетата на Белград, Македонија една од земјите што не дозволува лет

Реакцијата на Москва и Белград за затворањето на воздушниот простор за Сергеј Лавров треба да биде заедничка и крајно остра, соопштија властите од Москва.

Рускиот министер за надворешни работи требаше утре да го посети Белград, (на 7 јуни), но тоа пристигнување е одложено откако три земји го забранија летот на авионот во кој требаше да биде Лавров. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека посетата се откажува.

Реклама

Официјално, се очекува за тоа да разговара и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко, со кој денеска разговара претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој вечерва во 19.30 часот ќе им се обрати на граѓаните.

Заменик-претседателот на Советот на Федерацијата Русија, Константин Косачев денеска изјави дека реакцијата на Москва и Белград за затворањето на воздушниот простор за авионите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров треба да биде заедничка и крајно остра.

„ Денешниот демарш, се разбира, не е поврзан со авионот. Тој е насочен против Русија како држава и против Србија како држава. Реакцијата, се надевам, ќе биде заедничка и крајно остра, во формат не само дипломатски протест, но и конкретни, практични одговори“, напиша Косачев на Телеграм.

Според него, сегашното колективно одбивање на Бугарија, Црна Гора и Северна Македонија да го пуштат авионот на Лавров во Србија, без сомнение, не е одлука на овие три земји.

„Со влезот во НАТО, сите три земји сериозно и долго време го загубија својот суверенитет, а Европската унија за нив е само параван во овие срамни околности. Ова е демарш на НАТО, а без САД немаше да постои“, рече тој.

Според него, НАТО со такво директно мешање во билатералните работи на две суверени европски земји кои не се членки на Алијансата, Русија и Србија, се обидува да го „зароби и потчини“ остатокот од Европа.

Реклама