Крадци упаднале во „супертајниот“ авион на Путин кој е предвиден за летање во случај на нуклеарна катастрофа

Крадци успеале да упаднат и да ограбат руски воен авион кој во случај на нуклеарна војна е предвиден да ги транспортира највисоките државни функционери, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.

Операцијата на криминалците во авионот „Ил-80“, инаку мобилно командно место специјално дизајнирано за државниот врв да патува во време на нуклеарна криза, се случила на аеродром на југот на Русија, пренесува „Гардијан“.

Реклама

Крадците успеале да провалат низ отворот за товар на „супертајниот“ авион и да украдат 39 различни парчиња на софистицирана радио опрема, а според информациите кои доаѓаат од Русија, тие се уште не се фатени.

Функционери од руското Министерство за внатрешни работи потврдија дека авионот во научно-техничкиот комплекс на југот на земјата е ограбен, но не прецизираа за каков авион станува збор.

„Гардијан“ пренесува дека Русија има само четири вакви авиони кои се посебно опремени за заштита на државниот врв. Таквиот авион нема прозорци со цел да се спречи патниците да бидат заслепени во случај на нуклеарна експлозија.

Овие авиони се опремени и со посебна комуникациска опрема за одржување на контакт со вооружените сили, вклучувајќи ги и ракетните сили оспособени за извршување на нуклеарни напади. Благодарение на специјалната антена на „опашката“, леталото може да одржува комуникација и со подморници вооружени со нуклеарни проектили.

Во случај на нуклеарна криза, Путин и другите политички и воени функционери би биле транспортирани токму во овој тип на авиони и би команувале со одбраната на земјата од воздух.

Русија најголемиот дел од деталите во врска со овие авиони ги држи во тајност, а засега не е познато колку е чувствителна радио опремата која крадците успеале да ја изнесат од авионот.

Реклама