Ковид закани за земјоделството: намалена побарувачка, раст на трошоците за производство, проблеми со откуп, несигурен пласман!

Центарот за истражување и креирање политики и Националната федерација на фармери спроведоа истражување, колку пандемијата удрила врз земјоделството во Македонија. Посебен фокус во истражувањето е ставен на младите и жените. Во истражувањето се опфатени 70 фармери. Најголем дел или 40 отсто од земјоделците кои се дел од ова истражување се од Вардарскиот дел на Македонија, односно од Велес, Градско и Неготино, потоа од Југоисточниот дел 20 отсто од испитаниците, или Струмица, Богданци и Дојран, а 17отсто се од Пелагодискиот дел на земјава претежно од Прилеп и Ресен. Истражувањето покажало дека 63 отсто од земјоделците се регистрирани согласно Законот за рурален развој. Најголем дел од нив се индивидуални земјоделци или носители на семејни земјоделски стопанства.

И во ова истражување поврзано со земјоделството може да се забележи дека младиот човек се помалку сака да биде земјоделец и да ја продолжи семејната работа на поле. Истражувањето покажува дека во Македонија со земјоделство се занимаваат претежно повозрасни лица, додека младите се помалку застапени, околу 77% од фармерите и фармерките кои учествуваа во истражувањето се на возраст од 41 до 65+ години, 22.9% се на возраст од 26 до 40 години, а најмладите на возраст од 18 до 25 години се најмалку застапени, со само 10%.

Анкетата која е спроведена за да се утврдат влијанијата на Ковид-19 открива дека лицата кои се занимаваат во секторот на дејност земјоделство, поголемиот дел од својот работен век го поминуваат во вршење на оваа дејност. Речиси сите испитаници имаа значајно и долгогодишно искуство. Имено, 28.6% од испитаниците се занимаваат со фармерство помеѓу 10-21 година, додека 24.3% се занимаваат со оваа дејност повеќе од 21 година. Повеќе од 18% велат дека подолг временски период се занимаваат со фармерство, а со сличен процент на застапеност беа и фармерите кои имаат помеѓу 4 и 9 годишно искуство. Оние кои денес спаѓаат во најбројната категорија фармери – возрасни лица, според времето кое се занимаваат со фармерство, тие својата дејност почнале да ја вршат многу млади, а тоа се потврдува и со што само 10% од испитаниците одговориле дека оваа дејност ја вршат највеќе 3 години или помалку.

Македонскиот фармер претежно се занимава со полјоделство или 70%, а помалку со сточарство 30%. Полјоделците најчесто одгледуваат овошки и градинарски култури, повеќе од 38% од полјоделците кои учествуваа во истражувањето одгледуваат овошки, 28.6% поседуваат лозови насади или произведуваат вино, а за речиси 23% одгледувањето градинарски култури претставува основна дејност. Нешто помал процент од фармерите одгледуваат житни култури и култури за производство на добиточна храна, а најмалку застапени се производителите на тутун. Од друга страна, сточарите претежно се занимаваат со говедарство, пчеларство, овчарство, козарство, како и производство на млеко и млечни производи.

За индивидуалните земјоделци и семејни земјоделски стопанства е карактеристично тоа што произведените добра најчесто ги пласираат на домашниот пазар. Така, нешто повеќе од 81% од фармерите велат дека работат исклучиво на домашниот пазар, а речиси 16% од нив покрај на домашниот пазар, своите производи ги пласираат и кон странските пазари. Само 3% од фармерите велат дека целото производство им е наменето за извоз.

Со појавата на првиот случај на Ковид – 19 во земјата во февруари 2020 година се постави и прашањето дали економските последици од здравствената криза ќе се одразат на земјоделството и колку. Засега од 46 мерки во врска со кризата со Ковид-19, само 6 се сметаат за релевантни за поддршка на земјоделството. Тоа се финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработка и извор на примарни и преработени земјоделски производи; платежна картичка за субвенционирање на 50 % од зелената нафта за 50.000 земјоделци во износ од 4,6 милиони евра. Потоа стимулирање на преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција во вредност од 3,5 милиони евра за период од три години. Кризата предизвика загуба од 22 до 40 проценти во првиот квартал и пад на профитот за 40 до 60 отсто, забавени производни активности поради затворање на вообичаените канали за продажба, несигурен пласман и проблеми со откупот. Имено, повеќе од 61% од фармерите велат дека состојбата предизвикана од пандемијата се одразила врз обемот на нивната работа, додека околу 36% не почувствувале дека таа имала свое влијание врз нивната работа. Околу 3% од испитаниците не можеа да дадат своја проценка за влијанието на Ковид-19 врз обемот на работа. Општо земено, кај фармерките пандемијата имала нешто помало влијание врз обемот на работа. Така, дури 42.1% од жените велат дека пандемијата немала влијание врз нивната работа, а таква изјава по однос на ова прашање имале само 33.3% од мажите. За околу 30% од фармерите значаен проблем е тоа што со кризата се зголемиле и цените на репро-материјалите како и поради отежнувањето на пристапот до нив дополнително заради затворените граници како последица од преземените мерки за превенција од ширење на вирусот. За 10% од фармерите појавата на вирусот резултирала со намален обем на работа. Речиси 46% од фармерите сметаат дека кризата предизвикана од Ковид-19 многу или значително влијаела врз нивната заработувачка. Релативно висок процент, односно 24.3% сметаат дека влијанието било умерено, а според 15.7% од фармерите кризата прилично малку влијаела врз нивната заработувачка или не во мера во која тие очекувале на почетокот. Речиси 6% изјавиле дека појавата на вирусот воопшто не влијаела врз нивната заработувачка, додека 8.6% не можеа да дадат своја проценка по однос на ова прашање.

Денар побара став од ресорното министерство, од каде ни соопштија дека, во период на глобална пандемија предизвикана од вирусот КОВИД19, заедно со земјоделците и со сите чинители од секторот земјоделство, креирани се мерки кои што ќе овозможат одржливо земјоделско производство. Велат дека секоја мерка што е донесена е во насока на помош на земјоделците, да можат непречено да ги продолжат започнатите земјоделски активности, да произведат повеќе, да имаат пласман за производите, да се покријат загубите во производство и успешно да ги реализираат започнатите инвестции. Од Министерството за земјоделство ни ги испратија следниве мерки кои ги добија земјоделците како помош од државата:

„Продолжен рок за плаќање на годишна закупнина за државно земјоделско земјиште за 2019 до 12-ти ноември 2020 година. Продолжен рок за склучување на договори за производство и откуп на тутун од реколтата 2020 до 30-ти април. Ставени во мирување роковите за сите јавни повици и проекти  од Националните програми и од ИПАРД 2 програмата. Зголемена вкупната финансиска поддршка за женско јагне на 2.500 денари по грло. Отворена платформа „Понуда-Побарувачка“, за продажба на земјоделски производи. Финансиска поддршка од 14.500 денари за април и мај за земјоделците регистрирани според Законот за трговски друштва. Зелени коридири за брз проток на извоз и увоз на земјоделски производи. Интервентна мерка од 3 денари за килограм продадена зелка за покривање на загубите на земјоделците. Карго извоз на јагниња во Јордан. Интервентни мерки за помош на лозарите и винската индустрија. Одобрени 900 милиони денари дополнителни финансиски средства за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година“, велат од Министерството за земјоделство.

Центарот за истражување и креирање политика укажува дека приходите и благосостојбата на значаен дел од населението зависат од земјоделството. Земјоделството учествува со над седум отсто во вкупниот БДП. Препораките на земјоделците – фармери се, Владата и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство е потребно да дизајнираат соодветни јавни политики и мерки во насока на поддршка на македонското земјоделство. Имено, 71.4% од фармерите велат дека не се сигурни или  не се во состојба да ја одржат својата дејност во наредниот период без дополнителна помош. Владата треба да работи на дизајнирање соодветни мерки кои ќе ги опфатат сите фармери, а со цел одржување на обемот на производство во оваа значајна дејност. Според фармерите, три главни начини за обезбедување континуитет во нивната работа во наредниот период ќе бидат: задоцнето плаќање на обврските или даноците кон државата, аплицирање за заем од физичко лице и намалување на производството во граници на домаќинството, односно производство за себе и семејството Голем дел од фармерите сметаат дека доколку не најдат соодветен начин да обезбедат континуитет во вршењето на нивната дејност, размислуваат во насока за траен прекин на вршење на оваа дејност. Дополнително сметаат дека е потребно да им се овозможи пристап до поволни кредити за покривање на загубите кои настанале со намалување на производството, откажување на договорениот откуп или преку корекции во цената кои негативно се одразиле по заработувачката на фармерите.

Превземено од denar.mk