Испораката на вакцините на “Pfizer” против коронавирусот во осум европски земји е одложена поради логистички проблеми, со оглед на температурата на која дозите треба да се чуваат, наведуваат шпанските власти.
Како што пренесуваат светските медиуми, шпанското министерство за здравство добило порака од погонот на “Pfizer” во белгискиот град Пјурс, во која стои дека испораката ќе биде извршена во вторник, а не денеска како што било најавено. Причината за доцнењето е проблем со контролата на температурата при товарењето и испораката.

Во објавата наведуваат дека поради истиот проблем испораката ќе доцни во осум европски држави, вклучувајќи ја и Шпанија. Локалните власти во Германија во неделата исто така пријавиле доцнење на вакцините против коронавирус, по што дознале дека имало проблеми со температурата при нивната достава.
Како што наведува “Euronews”, испораката за овие вакцини може да биде комплицирана, бидејќи вакцините мора да се чуваат на многу ниски температури, односно на околу -70 степени Целзиусови. Тоа што до некаде ја олеснува работата, е тоа што вакцината е стабилна на температура меѓу два и осум степени Целзиусови.
Со други зборови, може локално неколку дена да се чува во обичен фрижидер.
Европските земји започнале со вакцинација на населението во текот на викендот. Германија, Унгарија и Словачка почнале со вакцинацијата во сабота.
Италија, Австрија, Франција, Чешка и други земји со вакцинацијата започнале во недела.
