Компанијата тврди дека одењето во тоалет по неколку пати во текот на денот ги крши нивните интерни правила.
Во обид да се зголеми продуктивноста, кинеската компанија „Anpu Electric Science and Technology“ донела контроверзна одлука – секој од вработените кој оди повеќе од еднаш во тоалет во текот на работното време, треба да плати казна од околу 3 евра.
Компанијата со седиште во градот Донгуан во декември санкционирала седум вработени. За да се избегнат проблеми со законот, оваа сума ја одбивале од бонусот на вработените, а не од месечната заработка на работникот. Меѓутоа, локалните власти не ја игнорирале контроверзната мерка, пренесуваат локалните медиуми.
По деталната истрага, функционерите од општинското Биро за човечки ресурси и социјално осигурување потврдиле дека ова правило е незаконско. Исто така од компанијата побарале да им ги врати „казнените пари“ на вработените.

Компанијата пак има свој став и тврди дека одењето во тоалет по неколку пати дневно ги крши интерните правила на компанијата.
Според нивните правила, работникот има право само еднаш да оди во тоалет и притоа тоа треба да го пријави кај својот шеф.
Менаџерот на компанијата објаснил дека ваквата одлука е донесена поради тоа што некои од вработените одат често во тоалет, додека пак на другите тоа им било само изговор за да не работат.
„Не сме заштитени. Факт е дека работниците се мрзеливи на работа. Управата многупати разговараше со тимот за работници, но не е постигнат никаков резултат“, изјавил менаџерот и додал дека одлучиле на тој начин да ги казнуваат работниците.