Комисијата за заразни болести предлага сертификатите за прележан Ковид-19 наместо досегашните 45, да важат 180 дена

На денешниот состанок, Комисијата за заразни болести одлучи да достави предлог до Владата сертификатите за прележан Ковид-19 наместо досегашните 45 дена да траат 180 дена, сметано по датумот на позитивен ПЦР тест, изјави д-р Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција.

Д-р Мехмедовиќ додаде дека сè уште не се размислува за укинување на сертификатите за влез во затворен простор бидејќи тоа во моментов не го дозволува епидемиолошката состојба.

Google search engine

„Ако ги укинеме сертификатите за затворен простор, ќе направиме голема трансмисија на вирусот. Во земјите каде сертификатите се укинати, како Данска и Велика Британија, вкупниот имунитет од вакцинација е многу поголем. Во Данска е вакцинирано 85 отсто од населението, во Велика Британија 80 проценти, а кај нас двојно помалку – околу 40 отсто. Не може да ги гледаме работите индивидуално, мора да видиме каква е епидемиолошката состојба кај нас и да носиме одлука“.

Втората препорака е поврзана со извештајот на Институтот за јавно здравје во кој е направена анализа на сите случаи на хоспитализација и смрт од Ковид-19 во месец јануари, а во анализираниот период само 6 лица со бустер доза починале и сите смртни случаи имале дополнителни болести (дијабетес, карцином, кардиоваскуларни болести и обезност).

Третата препорака се однесува на постоечките упатства за лекување на пациенти од Ковид-19 и тие се изработени од работната група при МЗ и од катедрата за семејна медицина во соработка со матичните лекари.

„Препораката е тие да бидат подобро искомуницирани односно да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство, на Лекарската комора и дополнително испратени до матичните лекари, како и ковид-центрите со цел да се олесни достапноста и примената на овие протоколи“, истакна Мехмедовиќ.

Тој нагласи дека последната препораката која била донесена се однесува на учениците.

„Дел од достапните тестови кои се во владение на Министерството за здравство ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се искористат за стратегијата „тестирајте за да останете во училиште“ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест кој ќе биде направен ќе биде негативен“, додаде Мехмедовиќ.

ПретходнаФотографијата од средбата меѓу Макрон и Путин која стана предмет на потсмев на Твитер
СледнаЏеј Ло во сексапилни изданија за магазинот „Rolling Stone“