Колку фискални сметки годишно се издаваат во Македонија

Во македонската економија навршија 20 години од стартот на фискализацијата. И по сериозните контролни механизми за следење на трагот на прометот на трговците, добар дел од несовесните стопанственици се уште бараат начини како да го изиграат законот и да не регистрираат дел од прометот. Инспекциските контроли се зачестени, казните големи, но совеста е засега на ниско ниво. Мерката МојДДВ го зголеми процентот на издадени фискални сметки последниве две години.

Податоците кои Денар ги доби од Управата за јавни приходи покажуваат дека во просек на годишно ниво се издаваат по 740 милиони фискални сметки. Процесот на фискализација добива на тежина од како трговците добија обврска за надградба на фискалните каси со GPRS. На тој начин државата доби подобра контрола во следењето на прометот бидејќи станува збор за интегрираниот автоматски систем за управување е – систем за постојана електронска комуникација на трговскиот објект со Управата за јавни приходи. УЈП има можност за секојдневно автоматско пренесување на податоци во вид на дневен финансиски извештај. Од Управата за јавни приходи велат дека GPRS системот овозможува двонасочна комуникација со фискалниот апарат, двонасочна комуникација со крипто модулот и двонасочна комуникација со серверот на Управата за јавни приходи, со што се овозможува пренос на податоци помеѓу серверот на Управата за јавни приходи и фискалниот систем на опрема. А ова се и придобивките кои државата ги има добиено со воведувањето на овој систем:

Google search engine

„Он-лајн следење на готовинскиот промет од секој фискален апарат, намалување на административните трошоци на даночните обврзници, овластените производители и УЈП, поедноставена и пократка постапка за фискализација, системот автоматски ги детектира ризичните даночни обврзници, намалување на даночните контроли на терен, поефикасна контрола на даночните обврзници кои го избегнуваат евидентирањето на прометот, системот е активен 24/7, еднаков пристап до сите даночни обврзници, испраќање на пораки на фискалниот уред од системот на УЈП која се печати на деталниот извештај, зголемување на финансиската дисциплина и намалување на сивата економија“, велат за Денар од Управата за јавни приходи.

Но и покрај построгите контроли, добар дел од трговците и натаму се обидуваат да ги изиграат правилата. Информациите кои ги добивме велат дека најчести прекршоци согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања се неиздавање на фискални сметки односно издавање на нефискални, поточно компјутерски сметки. Исто така несовесните трговци се служат и со други методи на прекршување на законот со прикажување на несоодветна ДДВ стапка во фискалните сметки, непоседување фискален систем на опрема и неуредно водење на книгата за дневен финсансиски извештај. За непочитување на законот предвидени се глоби.

„Управата за јавни приходи на годишно и месечно ниво изготвува план за контроли по даночни обврзници, по вид на данок или фактичка состојба што се контролира, при тоа даночните обврзници кои се предмет на контрола се избрани со соодветни критериуми за ризик, пријави претставки од физички и правни лица, информации од трети страни, како и информации од медиуми и интернет портали. Извршувањето на заеднички контроли со други институции конкретно ДПИ зависи од тоа дали кај планираните контроли е потребно заедничко постапување“, велат од УЈП.

Согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат, во тој случај компаниите  должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметки за извршениот промет, односно услугата. Од Управата за јавни приходи велат дека вршат контрола над спроведувањето и примената на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Податоците велат дека во периодот од 01.01.2021 до 31.08.2021 година биле извршени вкупно 1.729 контроли по овој закон. Од нив во 1.266 биле констатирани неправилности согласно Законот, а 463 биле без неправилност. Дополнително, во периодот од 01.08.2021-31.08.2021 година биле извршени вкупно 306 контроли, од нив во 158 биле констатирани неправилности согласно Законот, а 148 биле без неправилност.

„Констатираните неправилности се однесуваат на: прекршоци согласно член 21-б согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, односно на услуги. Прекршоци согласно член 21-б согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања за не  воведе  и  користи  одобрен  фискален  систем  на  опрема  за  регистрирање  на  готовински  плаќања (член 2 став 1). Прекршоци согласно член 21-б согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неводење на книга за дневни финансиски извештаи. Прекршоци согласно член 21-а на Законот за регистрирање на готовинските плаќања за издавање на сметка која не ги содржи пропишаните елементи (член 5 став 1). Прекршоци согласно член 21-б согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања за не издава парагон блок за извршениот промет на добра, односно на услуга  (член 12 став 2)“, велат од УЈП.

Еден од последните проекти на Управата за јавни приходи е мерката МојДДВ, односно поврат на дел од платениот данок на додадена вредност преку скенирање на фискални сметки. Податоците од Управата велат дека користењето на оваа мерка покажуваат дека бројот на издадени сметки постојано расте. А со тоа, од воведувањето на мерката во јули 2019 до последното тримесечје на 2021 година расте и вкупниот број на корисници на мојДДВ и изнесува 418 442 .

„Секое тримиесечје се зголемува  бројот на нови корисници на апликацијата, се зголемува бројот на скенирани сметки, а со тоа и исплатата на дел од ДДВ искажано во фискалните сметки. Граѓаните ја сакаат и ја користат оваа апликација, бараат да им се издаде фискална сметка за купеното добро или услуга што беше и целта на воведување на ваква мерка покрај првичната цел – враќање пари назад кај граѓаните. Кај граѓаните кои ја користат апликацијата МојДДВ и скенираат фискални сметки преку истата,  досега,  односно заклучно со второто тримесечје за 2021 година исплатени се  2.704.978.523, 00 денари..“, додаваат од УЈП.

Инаку, воведувањето и користење на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, е воведена од 4 мај 2001 година со самото донесување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања. Овој закон се однесува на даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат, и се  должни  да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата и да издадат фискална сметка за секој направен промет.

Превземено од denar.mk

- АУДИО РЕКЛАМА -