Германското студио „ZUBR“ претстави унапредена верзија од „Lada Niva“, идеална за оф-роуд возење по најтешките терени.
Љубителите на екстремното возење по тешки терени општо ја ценат „Lada Niva“, а нејзината нова доработка би можела да измами насмевка на лицата на многумина.
За верзијата „Monster“ е одговорно германското студио „ZUBR“, кое инаку се занимава со модификации на сериски модели на автомобили.

Имајќи предвид дека „Niva“ е направена на механичка платформа идеална за модификации, „Monster“ изгледа како целосно природна надоградба и нешто што би можело без проблем да оди во сериско производство.
Германците ја подигнале суспензијата на рускиот теренец за цели 150 мм, а поставиле и поголеми тркала со масивни теренски гуми, па добиле дури 235 мм. поголемо растојание од оригиналот.
Дека „Monster“ е подготвен за екстремни услови на возење, откриваат не само тркалата туку и вградениот „snorkel“, кој гарантира дека со ова возило лесно може да се совлада и длабока водена пречка.

Дополнително, проширени се лаците на калниците, додадени се испакнати пластични браници, а на задниот дел, на капакот на багажникот е поставено резервно тркало – така што „Lada Niva Monster“ ги има сите карактеристики на екстремно оф-роуд возило.
Автомобилот е обоен во мат сиво-маслинеста боја, специјален состав отпорен на ‘рѓа и гребаници.

Гледано од технолошка страна, фаровите се прилагодени на LED технологијата, но што се однесува до моторизацијата, немало никакви интервенции под хаубата. Имено, и оваа „Niva“ го придвижува истиот руски 1,7-литарски атмосферец со 82 коњски сили, со погон на сите 4 тркала.
За ваков екстремно редизајниран теренец, студиото „ZUBR“ бара сума од 44.000 евра, но нуди и бројни опции за персонализација според желбите на купувачот.
За испорака се чека околу 3 месеци.

