До среда наутро по локално време, некогашното казино на доскорешниот претседател на САД Доналд Трамп, ќе биде урнато, откако зградата почнала да се распаѓа, а делови да паѓаат на земјата.
Местото во Атлантик Сити, каде филмски ѕвезди, спортисти и музичари често доаѓале на забави, ќе биде претворено во “пепел и прашина”, пренесува “AP”.
Некогашниот дијамант од казино царството на Трамп, сега во сопственост на Карл Икан, американски бизнисмен, ќе исчезне, со што ќе се отвори простор за развој на славното шеталиште Атлантик Сити.
“Начинот на кој ги промовиравме Плаза и Атлантик Сити за целиот свет беше неверојатен. Доаѓаа Хулк Хоган, Мик Џегер, Кит Ричардс, бројни светски ѕвезди. Ноќта пред една борба на Тајсон, локалот се полнеше, а таму имаше две познати лица – Џек Николсон и Ворен Бити”, рекол Берни Дилон, еден од менаџерите на казиното во периодот од 1984-та до 1991-ва година.
Тој додал дека тоа биле посебни времиња и дека е му жал што сега се ќе се урне.
“Изгледаше вака – вие, Мадона и Шон Пен влегувате внатре, таму Барбара Стрејсенд и Дон Џонсон, потоа доаѓа Мухамед Али, а Опра Винфри разговара со Доналд”, се потсетува Дилон.
До 15:00 часот по средноевропско време екипите за рушење ќе завршат работа, рекол шефот на пожарната служба Скот Еванс и додал дека зградата ќе се урне како кула од карти.