Ќе го активира ли НАТО членот 5? Аналитичар тврди дека нема да дојде до „објава на војна“, но дека Алијансата ќе повлече потези кои на Русија ќе и пратат јасна порака

Две ракети вчера паднаа на селото Пржеводов во Полска, во близина на границата со Украина. Американски службеници тврдат дека станува збор за руски ракети, додека полските службеници сè уште не ја соопштиле точната причина за експлозијата. Две лица загинале, а на самото место пристигнале дежурни служби.

Без оглед на тоа што се случило вчера во полското погранично село и која е причината за падот на неколку, како што се мисли, руски ракети во Полска, не треба да се очекува избрзана реакција од НАТО сојузот која би довела до директен судир со Русија, сметаат аналитичарите.

Google search engine

Посебно не треба да се очекува брзо активирање на членот 5.

„Неколку руски ракети на погранично полско село покрај границата со Украина сигурно нема да доведат до активирање на членот 5, ниту до активирање на воените сили на членките на Сојузот под заповедништво на НАТО. Членот 5 не се активира туку-така и ова што се случи не е материјал за негово активирање, бидејќи тука не се работи за директен напад на НАТО членка“, смета воениот аналитичар Роберт Бариќ.

„Членот 5 е објава на војна, а сигурен сум дека тоа нема да се случи“.

Според неговото мислење, прво ќе се чекаат резултати од истрагата, а потоа и руско објаснување за овој настан.

„Тоа што го претпоставувам е дека во следниот период ќе се случи дополнително разместување на противвоздушни состави во Полска покрај украинската граница. Најверојатно состави „Patriot“. Понатаму, ќе започне дополнителна демонстрација на моќта на НАТО на Балтикот и во Црното море, за на Русија да и покажат дека не се шегуваат. А што се однесува до членот 5, далеку сме од тоа. За негово активирање потребен е консензус од сите членки, а за сите членки да се согласат со тоа потребни се многу моќни аргументи и јасен доказ дека станува збор за напад на една од членките“, порачува Бариќ.