Министрите за надворешни работи на Русија и Кина во средата ги осудиле незаконските и контрапродуктивни санкции на Западот воведени за Москва поради нејзините операции во Украина, соопштило руското министерство за надворешни работи.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговарал со рускиот колега Сергеј Лавров во источната кинеска покраина Анхуи, каде Кина е домаќин на дводневна конференција за Авганистан.
Состанокот е одржан нешто повеќе од еден месец откако Русија пратила десетици илјади војници во Украина во специјална воена операција, предизвикувајќи санкции од Западот без преседан.
Русија од Кина бара поддршка и партнерство додека станува се поизолирана, издвоена од глобалните финансиски состави и ланците на снабдување.
„Министрите разменија мислења за ситуацијата во Украина. Шефот на руското министерство за надворешни работи го извести својот кинески колега за напредокот на специјалната воена операција и динамиката на преговарачкиот процес со режимот во Киев“, се наведува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
„Страните ја забележале контрапродуктивната природа на незаконските еднострани санкции кои на Русија и ги наметнале САД со своите сателити“.
Министерството соопштило дека двајцата министри се договориле дека Русија и Кина ќе продолжат да го зајакнуваат своето стратешко партнерство и да зборуваат за глобалните прашања со единствен глас.
„Договорено е понатамошно зајакнување на надворешнополитичките координации и проширување на соработката, билатерално и во различни мултилатерални формати“, наведува министерството.
Лавров рекол дека е многу тешко време во историјата не меѓународните односи и дека Русија, Кина и други земји истомисленици веројатно ќе ги зајакнат односите за да формираат нов светски поредок, јавува “Tass”.

„Заедно со вас и другите истомисленици ќе тргнеме кон мултиполарен, праведен и демократски светски поредок“, рекол Лавров.
Ванг рекол дека кинеско-руските односи го издржале тестот на меѓународните турбуленции и дека постои подготвеност на двете страни понатаму да се развиваат односите, известила кинеската телевизија “Феникс”.
„Не постојат граници за соработката меѓу Русија и Кина, нема ограничувања за нашите напори да постигнеме мир, да ја гарантираме безбедноста и да се спротивставиме на хегемонијата“, рекол портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи на брифинг за медиумите во Пекинг.
Лавров, кој во понеделникот рекол дека односите меѓу Русија и Кина се на историски највисоко ниво, пристигнал на разговори во Кина чиј домаќин е Ванг, а на кои ќе присуствуваат претставници на талибанците од Авганистан, како и претставници од Пакистан, Иран, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Кина на Русија и дала политичка поддршка во украинскиот судир и одбила да ја осуди инвазијата, посочувајќи ги НАТО и САД како главни причини за судирите.
Западните сили се загрижени дека Кина би можела да и пружи материјална поддршка на Русија во украинската војна.