Кина кон Британците со санкции и упати закана: Не одите по погрешниот пат, во спротивно…

Кина со замрзнување на имот и забрана за влез во земјата санкционираше деветмина британски државјани и четири организации, меѓу кои и неколку парламентарни пратеници во одговорот на санкциите кои Лондон ги воведе за неколку кинески функционери на почетокот на оваа седмица.

Како што наведоа од кинеското министерство за надворешни работи, тие се санкционирани поради „малициозно ширење на лаги и дезинформации“, а во врска со ситуацијата со муслиманските Ујгури на западот на кина.

Меѓу санкционираните поединци е шефот на Одборот за надворешни работи на британскиот парламент, Том Тагенхат, поранешниот лидер на Конзервативната партија Јан Данкан Смит, адвокатот за човекови права Џефри Најс и други.

Санкционирани се и Комитетот за човекови права при Конзервативната партија, Трибуналот за Ујгурите и Судскиот совет на Есекс.

„Кина цврсто е посветена на сочувувањето на својот национален суверенитет, безбедноста и интересите и ја предупредува Велика Британија да не оди по погрешниот пат. Во спротивно, ние ќе преземеме други чекори“, стои во соопштението на кинеското министерство за надворешни работи.

Санкциите стапуваат на сила денеска, а со нив на санкционираните поединци и организации им се забранува влегувањето во Кина, Хонгконг и Макао, им се замрзнува имотот, а на кинеските граѓани и институции им се забранува соработката со нив.