Откако ѝ здодеало да ги гледа ретушираните фотографии од постпородилните тела на социјалните мрежи, една мајка одлучила да ја сподели својата реалност.
Кристен Суливан објавила фотографија од себеси, три дена пред да се породи со нејзиното второ дете и фотографија три недели по породувањето, со цел да пренесе важна порака.
“Го споделувам ова за да им покажам на мајките дека понекогаш не е важно дали сте слаби, дали правилно се исхранувате или дали сте вежбале во текот на бременоста, бидејќи понекогаш Вашето тело расте на начин на кој едноставно не Ви дозволува да се “опоравите” во три недели”, пишува оваа мајка.
“Постојано гледам нови мајки кои ги споделуваат своите неверојатни постпородилни фотографии, 11 дена по породувањето, две недели по породувањето итн. И иако е тоа супер за нив, за многу други мајки тоа едноставно не е реално”, додава Кристен.
Таа објаснила дека има “diastasis recti”, односно забележала раздвојување на стомачните мускули, состојба која им се случува на многу жени по породувањето и поради тоа, таа морала да носи постпородилен појас кој ѝ помагал во регенерирање на стомачните мускули.
Кристен Суливан одлучила да ги сподели овие фотографии поради другите постпородилни фотографии кои таа постојано ги гледала на Инстаграм:
“Едноставно ми се чини дека во последно време има многу фотографии кои покажуваат само фит мајки со рамен стомак, кои изгледаат совршено во бикини. Тоа е одлично и ги поддржувам во истото. Но, другата половина од мајките не се опоравуваат толку лесно, а со ова сакав да покажам дека и таа друга страна е во потполност нормална и совршена”.
“Наместо да сме загрижени околу тоа како да го вратиме своето тело во форма веднаш по породувањето, треба да се фокусираме на искористување на драгоценото време за галење со нашите неверојатни бебиња, кои растеле во нашиот стомак минатите 9 месеци”, заклучува оваа искрена мајка.