Како изгледа напуштениот ресорт на Ким Џонг-ун во Северна Кореја – се претвори во град на духови

Веднаш до воено-цивилната воздухопловна база и на местото на поранешниот полигон за тестирање на проектили во Вонсан, Северна Кореја, требаше да се изгради монденски ресорт за локалното население, како и за други заинтересирани посетители.

Но, по пандемијата на коронавирусот, ресортот „Wonsan Beach“ се претвори во град на духови.

Google search engine

Според јужнокорејскиот весник Дејли НК, бездомниците се единствените кои моментално ги посетуваат редовите на недовршените и запуштени хотели во провинцијата Кангвон долж источната страна на Корејскиот полуостров.

Иако повеќето од 150-те планирани хотели и згради се изградени во ресортот, тие немаат струја, немаат инсталирани прозорци и врати и бојадисани ѕидови. Без никаква контрола, не е изненадување што ресортот стана место за сквотирање полно со човечки измет и саѓи од запалените пожари.

Изградбата на Wonsan Beach Resort е инспирирана од појавата на забавните паркови во Бенидорм, Шпанија, поради што многумина го нарекуваат севернокорејски Бенидорм.

Идејата да се создаде луксузен ресорт се родила во 2017 година, откако тимот на севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, го посетил ресортот Costa Blanca.

Ким Џонг-ун наредил изградба на ресортот, која имала премногу амбициозни рокови – најпрвин требало да биде готова во 2018 година, потоа во 2019 година и на крајот во 2020 година. Кога почна пандемијата, сите градежни работи беа прекинати, а сè уште не се знае кога и дали воопшто ќе бидат обновени.