Како го дочекаа крајот на „локдаун“ во Британија: Баровите и кафулињата отворија после четири месеци

Голема доза на оптимизам го одбележа вчерашниот ден во Велика Британија откако после четири месеци „локдаун“ беа отворени сите продавници, фризерски и козметички салони, теретани, пабови и места за забава на отворено.

Тоа е дел од втората фаза на владиниот план за повторно отворање на економијата кој премиерот Борис Џонсон го претстави кон крајот на февруари после поволниот пад на кривата на новозаразени во земјата.

Вчера теретаните известија дека имаат огромен прилив на резервации, а фризерските и козметичките салони непрекинато закажувале термини. Луѓето повторно можеа да ги посетат тематските паркови, зоолошките градини и другите места за забава на отворено.

Повторното отовање на трговските центри и продавниците на модните брендови создадоа големи гужви, а според податоците на аналитичкиот центар „Спрингборд“, до вчера во 10 часот на сите поголеми трговски места во Велика Британија, бројот на купувачи пораснал за 220% во однос на претходната седмица, а 500% во однос на минатата година.

Укинувањето на рестриктивните мерки за баровите, кафулињата и рестораните резултираше со стампедо – огромен број на Британци до доцна синоќа „уживаа во слободата“ и ги преплавија угостителските објекти кои добија дозвола да ги отворат своите летни тераси.

Следниот важен датум за Велика Британија е 17-ти мај кога дружењето во затворен простор ќе биде дозволено според „правилото од шест луѓе“ доколку властите проценат дека програмата на вакцинирање сигурно ја прекинува врската помеѓу бројот на новозаразени и смртни случаи.

Сите Британци постари од 50 години добија можност за вакцинација, сега на ред се помладите

Во меѓувреме, британската влада соопшти дека на сите постари од 50 години и припадниците на ризични групи во Велика Британија досега им била понудена првата доза од вакцината против коронавирусот.

Тоа практично значи дека владата на Велика Британија ја остварила својата цел до 15-ти април да бидат вакцинирани припадниците на деветте најризични групи од населението.

Британската влада најави дека е на добар пат до крајот на јули да обезбеди вакцинација за сите возрасни лица, истакнувајќи дека следни на ред се граѓаните помлади од 50 години.