Како една мала компанија разви вакцина против коронавирус и стана фармацевтски гигант?

Една од првите вакцини против коронавирус беше заеднички развиена од страна на фармацевтскиот гигант „Фајзер“ и малата германска компанија „Бионтек“. Иако многумина вакцината ја нарекуваат Фајзер, придонесот на „Бионтек“ е многу поголем од маргиналниот.

Токму „Бионтек“, компанија од Мајнц, ги развила кандидатите за вакцини.

Нејзините основачи, Угур Шахин и Озлем Туречи, се едни од научниците од целиот свет кои напорно работеа на создавање вакцина базирана на РНК кога започна пандемијата.

Немале ниту веб-страница  

Со здружувањето со „Фајзер“, „Бионтек“ за помалку од една година успеа да ја лансира една од првите и најефикасни вакцини против коронавирус.

„Во 2014 година Бионтек не ни имаше своја веб-страница“, вели британскиот новинар Џо Милер, кој го следел развојот на вакцината и неодамна објави книга за тоа.

Во неа, тој опишува колку упорно и посветено основачите на компанијата, онкологот Угур и неговата сопруга Озлем, ги следеле своите визии.

  Угур Шахин и Озлем Туречи  

56-годишниот Угур е роден во Турција и како дете се преселил во Германија со своите родители, каде студирал математика и медицина. Специјализирал молекуларна медицина и имунологија. 54-годишната Озлем е родена во Германија, но нејзините родители се турски имигранти. Таа дипломирала медицина на Универзитетот во Хомбург.

„Бионтек“, кој денес има 1.300 вработени, изворно се занимава со персонални имунотерапии за заболени од рак. Угур ја основал компанијата во 2008 година, во потрага по нови начини за лекување на ракот.

Додека истражувал за својата книга, Милер се сретнал со двајцата, разговарал со повеќе од 50 научници, политичари и вработени во компанијата. Неговите записи покажуваат на кој начин една мала компанија успеала да направи ефикасна вакцина за кратко време.

Пред да биде откриен коронавирусот, парот верувал во медицинска револуција базирана на генетската мРНА молекула, но не сонувале дека пандемијата ќе докаже дека нивните визии се точни.

Вакцината со рибонуклеинска киселина (мРНА) се базира на генетски инструкции до клетките да создадат фрагмент од вирусот од кој ќе биде заштитен целиот организам.

„Пристапот не беше познат во моментот на појавата на пандемијата и не наиде на ентузијазам во пошироката научна заедница“, вели Милер.

Угур бил еден од ретките научници кој претпоставувал што ќе се случи, по појавата на првиот случај во Вухан, Кина, пред две години.

„Мислам дека можеме да направиме нешто“, рекол тој тогаш.