Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров на својот профил на социјалната мрежа Телеграм објави видео на кое се гледа, како неговите војници го креваат неговото знаме на зградата на Окружното обвинителство во источниот дел на Мариупол.
„Нашите борци го исчистија целиот округ на левиот брег на Мариупол од бандити, кој се наоѓа во источниот дел на градот и е одделен од другите со индустриската зона Азовстал“, вели тој во видеото објавено на социјалната мрежа.
На тој начин, како што тврди тој, тие целосно ги исчистиле станбените населби во источниот дел на градот, каде живеат повеќе од 100 илјади луѓе. Последните недовршени остатоци од „бандитската група“, која претходно дејствувала во регионот на Левиот брег, претрпела загуби и побегнала на запад.
„Сега стражарите ги насочуваат своите сили на чистење на другите станбени населби во Мариупол од националистите од Азов“, додаде Кадиров.
Претходно Рамзан Кадиров изјави дека силите од неговиот регион ја презеле контролата врз градското собрание во украинското пристаниште Мариупол на југоисток, во град кој со недели е под опсада и трпи тешки разурнувања.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека речиси 100.000 луѓе се заробени во Мариупол без храна, вода и струја и дека страдаат од жестоко гранатирање од страна на руските сили.
Кадиров кој е задолжен за руска Чеченија, со која де факто раководи според сопствени правила, редовно се „рекламира“ и објавува видеа од чеченските борци во Украина на социјалната мрежа Telegram.