Јапонија откри нова контаминација на вакцините на „Модерна“, запрена вакцинацијата по смртта на двајца мажи

Јапонската префектура Окинава денеска ја суспендираше употребата на вакцините на „Модерна“ против Ковид-19, откако била воочена уште една контаминација, соопшти локалната влада.

Еден ден претходно, јапонското Министерство за здравство објави дека се испитува смртта на двајца мажи по примањето на контаминирана вакцина на „Модерна“, иако причината за смртта не е позната.

Google search engine

Префектурата Окинава денеска објави дека програмата за вакцинација е делумно одложена.

„Ја прекинуваме употребата на вакцините на „Модерна“ бидејќи во некои од нив се забележани туѓи супстанции“, се наведува во соопштението.

Производствените линии во кои била забележана контаминација во саботата во Окинава, се разликуваат од 1,63 милиони дози кои биле суспендирани по двата смртни случаи, наведуваат локалните медиуми.

Министерството за здравство наведува дека 30-годишниот и 38-годишниот маж починале на почетокот на август, откако примиле втора доза „Модерна“. Нивните дози биле извлечени од една од трите серии суспендирани од владата во четвртокот, откако беше утврдена контаминација на неколку шишиња.

Министерството напоменува дека ги истражува причините за смртта и дека не е сигурно дали постои причинско-последична врска со вакцината.

„Моментално немаме докази дека овие смртни случаи биле директно предизвикани од вакцината на „Модерна“. Важно е да се спроведе формална истрага за да се утврди дали постои некаква врска“, порачуваат во заедничкото соопштение „Модерна“ и нејзиниот јапонски дистрибутер „Такеда“.

Исто така, непозната е и природата на честичките пронајдени во шишињата кои партнерската компанија ги изработила за „Модерна“ во Европа.

„Шишињата се испратени во соодветна лабораторија за анализа, а првичните наоди ќе бидат достапни на почетокот на следната недела“, истакнуваат од „Модерна“ и „Такеда“.

Шпанската фармацевтска компанија „РОВИ“ која ги изработувала шишињата, во четвртокот соопшти дека ја истражува причината за контаминација на серијата, која била дистрибуирана само во Јапонија.

„РОВИ“ наведува дека проблемот можеби настанал на една од нивните производни линии.

Околу 44 отсто од Јапонците се целосно вакцинирани, а земјата се бори со рекорден пораст на бројот на заразени поради ширењето на позаразниот делта сој на коронавирус.