Јапонската компанија „Sumitomo Forestry“ започна со истражување на растот на дрвата и користење дрвени материјали во вселената.
За таа цел ги здружиле силите со универзитетот Кјото, со кој заедно ќе експериментираат со различни видови дрво во екстремни услови на Земјата.

Вселенскиот отпад станува се посериозен проблем во земјината орбита, со оглед на се почестото лансирање на сателити во неа.
Она што го нудат дрвените сателити е согорување во атмосферата во текот на повторното влегување и по истекот на својот век на траење, но без ослободување на штетни честички во атмосферата или создавање на „дожд“ од остатоци кои потоа паѓаат на површината на Земјата и претставуваат опасност за луѓето и околината.
„Многу сме загрижени поради фактот дека сите сателити кои повторно влегуваат во Земјината атмосфера во текот на горењето создаваат ситни честички кои лебдат во горниот дел од атмосферата долга низа години“, вели Такао Дои, јапонски астронаут и професор на универзитетот.
„Со текот на времето, тоа ќе влијае и на околината на Земјата“, порачува професорот.

„Sumitomo Forestry“ која е дел од компанијата „Sumitomo Group“ и која постои веќе 400 години, открила дека работи на истражување на дрвени материјали, високо опторни на промени во температурите и сончевата светлина. Дрвото кое го користат во истражувањето ја нарекле своја „R&D тајна“.
Според податоците на Светскиот економски форум, во Земјината орбита се наоѓаат речиси 6000 сателити, а 60 отсто од нив се нефункционални и претставуваат само вселенски отпад.
Се проценува дека до 2028 година во орбитата би можело да има 15.000 сателити, вклучувајќи ги сателитите на „SpaceX“. Нивниот програм „Starlink“ предвидува повеќе од 10.000 сателити кои ќе овозможат поврзаност со интернет на сите делови од планетата.
Исто така, вселенскиот отпад патува со брзина од 35.680 километри на час, што значи дека потенцијално може да нанесе голема штета на било кој објект со кој би се судрил во Земјината орбита.