Брендот „Vollebak“ се враќа со уште еден интересен изум кој работи на соларна енергија.
Ослонувајќи се на својата јакна за трчање на соларна енергија, која е прогласена за еден од најдобрите изуми од страна на магазинот „Time“, брендот сега ја претстави својата јакна „Solar Charged Puffer“, дизајнирана да ги издржи и најстудените и најтемни места на Земјата.

За 3 години, „Vollebak“ создаде јакна која не само што свети во темница, туку и ве грее на температури до -20 Целзиусови степени. Основната технологија која го овозможува тоа е ултратенката полиуретанска мембрана, веднаш под површината на јакната, која се полни со помош на сончева енергија и подоцна емитува топлина.

Конструирана со фосфоресцентно соединение, јакната многу брзо складира било каква светлина која доаѓа во контакт со неа и со текот на времето повторно полека ја емитува. Мембраната се однесува како да е жива – ја впива сончевата светлина како растение, а потоа во текот на ноќта ја емитува.

Заедно со проѕирна најлонска мрежа, лесната мембрана се наоѓа на надворешната страна на јакната. Во текот на денот, пуфер јакната изгледа целосно бело, а во темница свети во криптонитна боја.
Јакната на „Vollebak“ е достапна по цена од 1315 американски долари.



