Израел тргна по Хамас: Дадена наредба да се гранатираат домовите на командантите на Хамас (видео)

Војската на Израел соопшти дека нападнала цели во Појасот Газа во раните утрински часови во понеделникот, додека палестинските милитанти продолжувале со ракети кон Израел.

И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, конфликтот што избувна пред скоро една недела не покажа знаци на смирување.

Google search engine

Израелската војска соопшти дека во текот на ноќта ги гранатирала домови на девет високи команданти на исламистичкото движење Хамас. Некои од нив биле користени како складишта за оружје, според израелската војска.

Повеќе од 1.500 цели се нападнати во Појасот Газа, изјави во неделата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Нетанјаху рече дека операцијата ќе продолжи со полна сила.

Палестинската страна соопшти дека воздушните напади биле најсилни досега во густо населената Газа.

Најмалку 3.100 ракети се истрелани кон Израел од минатиот понеделник, според израелската војска.

Двете страни соопштија дека ракетните напади биле најжестоки досега.

Најмалку 192 лица се убиени во Газа, соопшти Министерството за здравство на крајбрежната територија.

Само во саботата, 42 Палестинци биле убиени во израелски воени напади врз домови во Газа, соопшти министерството.

Во Израел, според тамошните извори, од минатиот понеделник во ракетните напади се убиени 10 лица.

Израел го обвинува Хамас, исламистичкото движење кое го контролира појасот Газа, за сите напади што доаѓаат од таму. Израел, Соединетите држави и Европската унија ја карактеризираат групата како терористичка организација.

Досега меѓународните дипломатски обиди за смирување на тензиите имаа многу мал ефект.