Довербата на Европејците во вакцината на „АстраЗенека“ против коронавирусот опадна откако неколку земји пријавија нуспојави како згрутчување на крвта, иако научните студии и натаму тврдат дека вакцината е безбедна.
Расте бројот на граѓани на Франција, Германија, Италија и Шпанија кои сметаат дека вакцината не е безбедна, иако тоа не влијаело на нивната доверба во другите вакцини на „Фајзер“ и „Модерна“, покажува истражувањето кое го спроведе Институтот за истражување на јавното мислење “YouGov”. Анкетата опфатила 8 илјади луѓе во седум европски земји во периодот од 12-ти до 18-ти март.
Дека вакцината не е безбедна сметаат 61% од Французите, односно 18% повеќе во однос на февруари. 55% од анкетираните во Германија сметаат дека вакцината на „АстраЗенека“ не е безбедна и тоа е зголемување за 15% во однос на февруари.
Во Италија и Шпанија мнозинството сметаше дека вакцината на „АстраЗенека“ е безбедно (54, односно 59%), но тие стапки во последната анкета опаднаа на 36, односно 38%, пренесува “YouGov”.
Само во Велика Британија довербата во вакцината останува стабилна. Мнозинството на анкетирани, односно 77% од граѓаните веруваат дека вакцината на „АстраЗенека“ против коронавирусот е безбедна, што е прилично блиску до процентот од 79% од анкетираните кои имаат доверба во вакцината на „Фајзер“.
Европската агенција за лекови ги истражи необичните „пореметувања“ кај крвта на лицата кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ и минатата седмица соопшти дека предностите на вакцината ги надминале ризиците, па продолжува да се препорачува употребата на вакцината.
Во текот на овој месец, неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија и Италија ја прекинаа употребата на вакцината на „АстраЗенека“, откако во Данска и Норвешка беа пријавени случаи на згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.