Инвестицискиот план на власта, реално сценарио или ново предизборно ветување со стари проекти?!

Планот на Владата е до 2027 година да реализира инвестиции во вредност од 8 милијарди евра. Сериозна сума на пари властите планираат да потрошат во инвестиции во енергетиката, подобрување на патната инфраструктура, во здравството, во животната средина. Експертите се скептични дека такво нешто може да се случи со оглед на фактот што речиси секоја влада потфрла во реализацијата на годишните капитални инвестиции. Од друга страна пак, економистите велат дека добро е да се реализира планот но, нејасно е зошто повторно се најавуваат проекти кои јавноста ги слуша како предизборни ветувања повеќе од 20 години. Опозицијата пак обвинува дека само една третина од ветените пари за граѓаните од антикризните пакет мерки стасале на вистинското место, останатите се само празни ветувања.

Благица Петрески од Finance Think вели дека половина од најавените проекти се веќе добро познати на граѓаните. Се надева дека овој пат нема да останат само на хратија. Секој капитален проект кој ќе ја дочека својата реализација ќе биде од корист за граѓаните.

Google search engine

„Прашањето е зошто овие проекти неколку пати биле најавувани, а потоа не биле реализирани? Дали станува збор за некакви технички проблеми поради кои истите не се реализирани, дали станува збор за недоволно финансиски средства или пак се соочуваме со проблем на капацитетот за реализација на ваков тип на капитални проекти. И сè додека не се одговорат овие прашања и не се решат овие проблеми се воведуваме во ризик, повторно овие проекти само да бидат ставени на хартија, без да ја видиме нивната целосна имплементација. Долгорочноста е многу важна во планирањето на капиталните расходи. Сето тоа е особено значајно за постковид периодот на закрепнување што може да влијае за развојната компонента“, вели Благица Петрески од Finance Think.

Интервентниот план за инвестиции според Фатмир Битиќи кој е одговорен за економските политики на Владата претставува можност за подобрување на квалитетот на живот на долг рок. Тој смета дека премногу долго се тапкало во место и дека е жално во 2021 година да се зборува за пристап до вода за пиење, пречистителни станици и канализациони мрежи.

„Ќе обезбедиме онолку пари колку што е потребно за подобар живот на граѓаните во наредните неколку години. Најголемите инвестиции ќе бидат во енергетиката и во преминувањето кон обновливите извори на енергија, но солидни средства ќе бидат одвоени и за преработувачката индустрија и производството, кои се важен сегмент за домашната економија. Економија во која 20 проценти опфаќа преработувачкиот сегмент не е економија која би требало да каже колку сме ние битни. И ние тоа мораме да го смениме. Да прераснеме во економија со која ќе не препознаваат како земја на можности, на стартапи, земја која е еднакво конкурентна со сите други по она што го произведуваме“, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Главниот проблем во Македонија според  универзитетскиот професор Гадаф Реџепи е квалитот на градбата на капиталните инвестиции. Дополнително според него во сенка е и контролата на изведбата и реализацијата на проектите. Потребна, според професорот, е двојна контрола за посигурни и поквалитетни проекти наменети за граѓаните. Тоа би требало да го прави независна институција по можност странска за да нема влијание од било која власт во Македонија. Друга работа, Реџепи смета дека потребно е да се ангажираат подготвени менаџери, професионалци, а не поднаучени кои допрва ќе добиваат искуство.

„Може да видите дека во тој план многу од проектите се повторуваат низ годините, без разлика што и тие самите се свесни дека тој план нема да се реализира. Прво е потребно поквалитено планирање, секако треба да се знае колку е износот на целиот проект и да се направи детална финансиска  проекција. Значи освен долгорочни, потребно е да се направат детални планови за на пример еве последно од владата што го најавија инвестицискиот план во кој немаше датуми на степен на реализација, туку само краен датум 2027 година. Но не и конкретно кога ќе се започне, кога ќе биде прва фаза, мора тие детални планови да се наведат и искористат“, вели за Денар професорот Реџепи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека власта на овој начин се обидува да ја манипулира јавноста пред локалните избори кои се предвидени да се оддржат кон октомври. Според нив, од ветени 850 милиони евра, кај народот и фирмите не завршија повеќе од 350 милиони евра, тие дополнително ја прашуваат власта, каде се парите од задолжувањата?

„Битиќи и СДСМ потфрлија во кризата. Економијата едвај опстојува. 60.000 луѓе ги загубија своите работни места, 6.200 фирми ставија клуч на врата, над половина милион луѓе живеат со 2 евра на ден. Помошта не стигна кај народот и фирмите. Ветија 850 милиони евра помош, а реализираа не повеќе од 350 милиони евра. Се заврши како поткуп пред избори и без позначаен ефект при заживување на економијата. И додека се расфрлаат со пари Битиќи, Бесими и Заев долгот скокна на над 7 милијарди евра и е на историско највисоко ниво. Проекциите се лоши и ако ги следиме бројките ќе заклучиме дека долгот ќе продолжи да се зголемува, а каматите ќе стануваат се поголеми“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според планот на Владата нешто над 3 милијарди евра се предвидени до 2027 година да бидат вложени во енергетскиот сектор. За патната и железничката инфраструктура се предвидени 2,7 милијарди евра. Инвестиции се предвидени и во преработувачката индустрија, па државата овој сектор ќе го поддржи со близу 800 милиони евра. А 300 милиони евра се резервирани за инвестиции во малопродажбата. По 500 милиони евра владата планира да вложи во јавното здравство и комуналната инфраструктура. На крајот на листата се и 200 милиони евра кои се планираат да се реализираат во проекти од областа на туризмот. Дел од проектите кои се на листата на владата се познати како проблематични за изведба или како чести предизборни ветува кои никогаш не стасаа на ред да се реализираат. Тоа се пругата кон Бугарија, автопатот Скопје – Блаце, хидролектраната Чебрен, изградба на нов клинички центар во Скопје.

Инаку, властите најавуваат дека дел од парите за овие како што ги велат интервентни инвестиции ќе ги обезбедат од држевната каса и од нови кредити. Но очекуваат и да добијат сериозна финансиска помош од предвидените средства на Евроспаката унија за Западен Балкан. Според информациите Европската комисија стави на располагање девет милијарди евра пари за проекти за земјите од нашето опкружување за до 2027 година. Со добри и навремени проекти Македонија може да добие сериозен дел од колачот. Сепак, досега искуството кажува дека недоволниот капацитет на институциите во подготовката на проектите за аплицирање за добивање средства од евроските фондови е клучен недостаток, и поради тоа огромни средства кои ни биле на располагање,  ни останале неискористени.

Превземено од denar.mk

ПретходнаКој е 18-годишниот Русин, Хасбула: Моментално најголем хит на интернет
СледнаНајлудиот тренд ова лето: Женските костими за капење со машки торза