МНР соопшти дека по добиените информации за починатата државјанка на Република Македонија во Јужноафриканската Република, стапиле во контакт со надлежните органи на земјата преку надлежната Амбасада во Каиро од каде добиле потврда за трагичниот настан.
„Нашите претставници се во постојана и непосредна комуникација со надлежните јужноафрикански власти како и со роднините на починатата, како во делот на утврдување на деталите така и околу организирањето транспорт на посмртните останки на починатата во земјава“, известуваат од Министерството.
Порталот „Њуз 24“ пренесува „дека познатата шминкерка и бизнисменка Маја Јанеска починала од прострелна рана во главата“, а тоа го потврдила и полицијата.

Полицијата соопштила и дека отворила увид во врска со смртта на Јанеска, што значи, во оваа фаза, таа не се третира како сомнителнa од органите на прогонот.
„Полицијата добила повик за лице кое, наводно, се самоубило во ‘Bassonia Estate’. По пристигнувањето на дадената адреса, полицијата пронашла жена во спалната соба со прострелна рана во главата. До неа имало огнено оружје. Брзата помош констатирала смрт“, изјави портпаролот на полицијата, потполковник Мавела Масондо.
Јанеска била во врска со Кајл Филипс, кодиректор на компанијата за цигари „Карнилинкс“, а „Њуз 24“ од блиски извори дознале дека Филипс бил присутен во куќата во моментот на нејзината смрт и дека веднаш се упатил во собата каде што таа била пронајдена.

Поранешната сопруга на Филипс пак, Трејси, вели дека тој е уништен и шокиран од оваа трагедија и изјавила дека тој ќе соработува во истрагата.
Роднина на починатата којшто побарал да остане анонимен, изјавил дека семејството е во апсолутен шок по трагедијата.

„Нашите телефони не престанаа да ѕвонат, сето ова е ново за нас. Ние сме во Европа, а рацете ни се врзани затоа што не можеме да дојдеме во Јужна Африка поради проблеми со визите. Маја лежи таму во некоја мртовечница, а ние немаме поим што се случува. Таа понекогаш се плашеше за својот живот. Нејзиното момче имаше мажи кои работеа за него, а таа се плашеше од нив. Срцето ни е скршено и сериозно не знаеме што да правиме“, вели тој.