Инаетот на државата кон сметководителите ќе ја искриви сликата за целата економија!

Balancing the Accounts

Помалку од две недели останаа за сметководителите да ги достават до Управата за јавни приходи Годишните заврши сметки на компаниите. И по неколкуте барања на Комората на сметководители државата да го пролонгира рокот за достава, нема позитивен одговор од Министерствата за економија и финансии. Сметководителите се разочарани од игнорантскиот однос на институциите и сметаат дека на ваков начин само може да се наштети на оваа дејност бидејќи голем дел од сметководствените компании неможат навремемо да ги завршат пресметките поради проблемите кои ги предизвика пандемијата. Стравуваат дека податоците кои ќе ги добијат од сметките нема да бидат точни бидејќи ќе мора да импровизираат во калкулациите, и ќе имаат тотално искривена слика. На 28-ми февруари истече рокот за хартиено доставување на завршните сметки, а рокот за електронско доставување е 15-ти март.

Од Комората на сметководители за Денар велат дека навремено ја согледале реалната ситуација и однапред испратиле предупредување дека сметководителите годинава ќе се соочат со огромни предизвици во однос на поднесување на завршната сметка. Уште во ноември лани сметководителите побараа средба со Министерот за економија Крешник Бектеши, но велат дека до денес таа средба се нема остварено. Од тогаш сметководителите велат дека на најразличен начин се обидуваат да ги убедат властите дека се потребни измени во Законот за трговски друштва, но засега Владата нема слух за барањата на сметководителите. Иако првичните сигнали за одложување на рокот за поднесување на пријавите беа позитивни, сепак подоцна од Министерството за економија им беше соопштено дека се вршат консултации со Секторот за финансиски систем при Министерство за финансии, кое е ненадлежно по ова прашање, како и „бркање“ на рокови за доставување на статистички податоци кон Европската унија. Но ваквото објаснување за сметководителите е неиздржано затоа што велат дека споредено со Европа и соседството, земјава има најкратки рокови за поднесување на Годишните сметки. Истите секаде се до 30.04 или 30.06, тврдат сметководителите. Дополнително револтира фактот дека државата дава предност на статистички податоци, наспроти зачувување на здравјето и дигнитетот на сите сметководители.

„И покрај тоа што првиот рок 28.02.2021 за хартиено поднесување на годишните сметки истече, ресорното Министерство за економија останува глуво за сериозноста на ситуацијата. Последното Барање кое го доставивме беше за повикување на член 477 од актуелното законско решение, бидејќи времето за било какви законски измени помина, каде се вели дека рокот за поднесување Годишна сметка е два месеци по истекот на календарската година, освен во случаеви кога надлежните институции со одлука може да го продолжат на три. На овој член се повикаа минатата година кога започна кризата и на 13.03 објавија пролонгирање на рокот до 24.03.2020г. Но, вакво пролонгирање ни треба час поскоро. На 13.03 воопшто не ни е од помош. До Комора на сметководители секојдневно пристигнуваат прашања и поплаки од страна на колегите зашто и ние не сме имуни на болеста. Има сметководствени друштва кои биле или сеуште се целосно во изолација, или функционираат со 10-15% од човечките капацитети. Како државата очекува да ги запазат навремено и точно обврските со вакви ригидни рокови, навистина не ми е  јасно. Она што беа докторите во здравствениот аспект на кризата, тоа сме ние сметководителите во економскиот. Преку нас помина спроведувањето на сите економски мерки, како единствен линк меѓу државата и стопанството“,  вели Драган Митковски Претседател на Комора на сметководители на Македонија.

Паралелно со изготвувањето на годишната сметка сметководителите велат дека имаат и дополнителни обрасци кои треба да ги поднесат а кои се  поврзани со искористените мерки. Проблемот да биде поголем, се жалат дека сега добиле и изменет образец од самите годишни сметки. И сето велат во исти рокови како во нормални услови. Во исто време кога се во очекување и на мерките од петтиот сет, кои повторно ќе треба да ги спроведат за компаниите. Нивниот став е дека за зачувување на сметководствената професија зависи одвивањето на сите економски процеси во државата. Потенцираат дека крајно време е државата да ја сфати вистинската вредност на оваа професија и да излезе во пресрет на барањата на сметководителите. Велат дека не бараат пари, туку само време. За да бидат проблемите поголеми од Комората на сметководители додаваат дека и покрај сите предизвици со кои периодов се соочиле како сметководители, изненадувањата секојдневно продолжуваат. Наместо пролонгирање рокови и олеснување на обврските, истите дополнително се зголемуваат. Правилата велат дека заклучно со роковите за поднесување на годишни сметки и финансиски извештаи, истекуваат и роковите за поднесување на барањата за пресметка на износот за враќање по искористената државна поддршка за исплата на плати, или за претворање на средствата во грант, доколку компанијата инвестирала во вработени, оперативни подобрувања или продуктивен капитал. Најголемите предизвици сега според нив настануваат околу барањата за претворање во грант. Самото барање се поднесува електронски преку системот на е-даноци, но, со истото согласно Уредбата треба да се достават прилози како доказ за инвестицијата – фактури и банкарски изводи.

„Првата небулоза е уште тука. Иако барањето се доставува електронски, прилозите треба да ги доставуваме хартиено во соодветните регионални дирекции на Управата за јавни приходи. Понатаму, банкарските изводи се бараат со печат од банка, иако години наназад ги печатиме од електронското банкарство и со истите работиме и ги книжиме како веродостојни. Фактурите пак, се бараат да бидат доставени во оригинал или копија заверена на нотар. Ако имаме во предвид дека компаниите имаат законска можност да испраќаат електронски фактури, само со електронски потпис без печат, останува нејасно зошто тука повторно се комплицираат процедурите!? Се наметнуваат дополнителни трошоци и обврски и на компаниите и на сметководителите. Но, иронијата во процедурите не завршува тука. Според информациите кои стигнуваат од колегите до Комората на сметководители, одредени регионални дирекции покрај фактура и извод за извршена набавка, бараат да се достави и Уверение за платени даноци и придонеси, наместо истото да го провери самата УЈП по службена должност. Или едноставно кажано, бараме информација од УЈП, за да ја доставиме во УЈП”, вели Александра Андреева Член на Управен одбор на Комора на сметководители.

Комората на сметководители на Македонија во континуитет реагира на сложените процедури и постапки пропишани од страна на институциите, кои според нив само ја отежнуваат работата и непреченото функционирање на стопанството. Апелираат до институциите за усогласување и поедноставување на процедурата за претворање на поддршката во грант, согласно веќе пропишаното во Уредбата со законска сила. Сметководителите тврдат дека на нивни грб помина спроведувањето на сите економски мерки за справување со последиците предизвикани од пандемијата, во овој период се соочени со ригидните рокови за изготвување на годишни сметки, за кои ресорното Министерство за економија, немаше слух за пролонгирање, и најмалку што ни треба е дополнително оптоварување со небулозни барања. А глуво на нивните барања остана и Министерството за финансии од каде не сакаат да го пролонгираат рокот за поднесување на завршните сметки за хартиена форма до 30 април односно електронски до 15 мај. Сметководителите сметаат дека со инатењето на државните институции финансиски проблеми нема да имаат само компаниите од приватниот сектор, туку штети ќе трпи и целата економија.