„Имавме само 15 години кога нè натераа да бидеме голи во филм – тоа трајно нè уништи“: Снимија култно остварување, сега бараат 500 милиони долари отштета

Ѕвездите на филмот „Ромео и Јулија“ од 1968 година, Оливија Хаси (71) и Леонард Вајтинг (72) во петокот на 20 декември поднеле тужба до судот во Санта Моника во Калифорнија, обвинувајќи ја популарната продуцентска куќа „Paramount Pictures“ за сексуално вознемирување, измама, сексуално злоставување и намерно нанесување емоционален стрес.

Хаси и Вајтинг тужбата ја поднеле токму за горенаведеното остварување „Ромео и Јулија“ поради голите сцени кои ги снимиле кога имале само 15, односно 16 години.

Google search engine

И двајцата тврдат дека италијанскиот режисер Франко Зефирели првобитно кажал дека во филмот нема да има голи сцени, за потоа во текот на последниот ден од снимањето да им соопшти дека филмот ќе пропадне доколку не се снимат голи сцени.

„Она што им беше кажано и она што се случи се различни работи. Веруваа во Франко. Во својата 16-та година како актери беа сигурни дека нема да ја нарушат довербата која ја имаа во него“, изјавил нивниот претставник Тони Мариноки.

 

„Франко беше нивен пријател и искрено со 16 години, што можеа да направат? Немаше опции. Не постоеше „MeToo“ во тоа време“, додал тој.

Во тужбата се наведува дека снимени се голи сцени без нивно знаење, односно дека Зефирели им покажал каде ќе биде поставена камерата, но и двајцата верувале дека ништо нема да се сними ниту емитува. И Оливија и Леонард верувале дека немаат друг избор освен да глумат голи со шминка на телото како што тоа го барал режисерот во последните денови од снимањето.

Отштетата која актерскиот пар ја бара е поголема од 500 милиони долари.

Да ве потсетиме, филмот заработил пофални критики, на Зефирели му донел номинација за Оскар за најдобра режија. Тој почина во 2019 година на 96-годишна возраст.

„Беа многу млади, невини деца на 60-тите кои немаа поим што ќе следи“, истакнал нивниот адвокат Соломон Гресен за „Variety“.

Хаси и Вајтинг изјавиле дека сцената им предизвикала долготрајна финансиска, физичка и емоционална болка и дека филмот чинел „доживотно губење на заработка и други бенефиции при вработување и воопшто можност за работа.

„Одеднаш станаа познати на ниво на кое никогаш не го очекуваа, а покрај тоа не знаеле ниту како да го издржат тоа“, додал Гресен.

Инаку, Хаси продолжила да се занимава со актерска кариера, а во 1977 година дури соработувала со Зафирели во мини-серијата „Исус од Назарет“.

Во интервју кое го дала во 2018 година истакнала дека таа била љубов на неговиот живот, но дека тоа никогаш не му било возвратено. Во таа прилика признала дека ја сакала улогата на Јулија, но дека натписите во весниците ја „исцрпувале“.

Вајтинг исто така ја продолжил кариерата како актер и пејач во својата родна Велика Британија.