И по седум години изградба, не се знае кога ќе се вози по автопатот Кичево-Охрид

Во Собранието следниот месец ќе биде доставен Предлог закон за анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, со којшто ќе се продолжи рокот за изградба, најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Сѐ уште се преговара за колку време ќе биде продолжен рокот за автопатот што со сегашниот анекс на Договорот со изведувачот кинески „Синохидро“ истекува следниот месец. Со новиот анексот не се предвидени дополнителни средства за реализацијата на проектот од сегашните проектирани 598 милиони евра.

Google search engine

– Во овој момент Јавното претпријатие за државни патишта преговара заедно со Министерството за транспорт со изведувачите и кредиторите до кога ќе биде реалниот рок за да се изгради овој автопат и за да го продолжиме рокот. Но важно е дека дополнителни средства во овој момент не се предвидуваат – изјави Бочварски по вакцинирањето во Штип.

Прогресот на работите на автопатот изнесува 62 проценти, а Министерството за транспорт во изминатите месец и половина одобрило 20 од предвидени 70 инфраструктурни проекти за измени на трасата.

– Работите на автопатот се со прогрес од 62 проценти, тоа значи дека од целата сума на чинење од 598 милиони евра на овој најголем инфраструктурен објект на државата се реализирани 62 проценти. Министерството за транспорт и врски во изминатите месец и половина одобри 20 инфраструктурни проекти, со што на 20 позиции даваме шанса за уште побрз развој на настаните и изградба на овој автопат. Тоа за мене е многу значајно бидејќи од 70 инфраструктурни прокети што ни стигнаа за 70 измени на овој пат веќе имаме одобрено 20 – рече Бочварски.

Автопатот од Кичево кон Охрид со должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година и според првичниот договор требаше да биде готов во 2018 година. Поради проблеми на трасата, рокот за изградба беше пролонгиран за јуни годинава.

ПретходнаПауновски: Бектеши лаже, за квалитетот на горивата се алармирало уште пред две години
СледнаВодачите на ЕУ не успеаја да се договорат за ковид-пасошите, не се согласиле за клучни прашања