Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, изрази уверување оти околностите околу набавката на вакцини преку Европската Комисија (ЕК) ќе се подобрат и додаде дека во спротивно, Хрватска ќе се ориентира кон некои други производители.
Според Берош, Хрватска сè уште е ориентирана кон заеднички набавки преку ЕК и смета дека околностите ќе се подобрат, а во прилог на тоа зборуваат најавите на производителите на вакцини дека ќе ги зголемат дозите.
– Сепак, ако не биде така, ќе мора да се ориентираме и да се организираме кон некои други производители. Хрватска оствари одреден контакт со руските здравствени власти и добиена е одредена документација – изјави Берош за ХРТ.
Тој, исто така, објасни и дека ќе почне процесот на проценка во ХАЛМЕ и додаде дека во моментот не може да каже дали документацијата е комплетна и колку ќе трае постапката.
На прашањето дали е можен увоз на руската вакцина „Спутник“ во Хрватска без одобрение од ЕМА, тој објасни дека тоа е теоретски можно преку итен увоз.
– Доколку е потребно, јас лично ќе го поддржам таквиот увоз затоа што тоа ќе значи дека механизмите на ЕК и ЕУ не успеале, што верувам дека нема да се случи – изјави Берош.