Од денес во Германија во сите сојузни покраини стапи на сила таканареченото 3G правило, според кое само оние кои ќе докажат дека се вакцинирани, дека го прележале коронавирусот или ќе покажат негативен тест, ќе можат да влезат во јавни простори.
Правилото 3G важи за сите јавни институции, кина, театри, базени, ресторани, како и услужните дејности каде што не е можно да се одржува дистанца, како што се фризери или педикири.
Во хотелите, оние кои не биле вакцинирани или кои не прележале коронавирус, ќе мора да дадат негативен тест на секои три дена.
Градовите и општините можат да не ги применуваат овие правила ако инциденцата во една област во последните седум дена не надминува 35. Обврската за носење маска и одржување дистанца во малопродажбата и во јавниот превоз останува на сила за сите, без разлика дали се вакциниран, прележани од коронавирусот или имаат негативен тест.
Притисокот врз невакцинираните ќе се зголеми од 11 октомври, кога државата повеќе нема да ги сноси трошоците за антигенското тестирање, што сега е бесплатно.
Германскиот министер за здравство Јенс Спан во понеделникот објави дека инциденцата повеќе нема да биде пресудна за понатамошни мерки против коронавирусот, туку бројот на хоспитализирани пациенти со коронавирус.
Баварскиот премиер Маркус Содер (ЦСУ) повеќе не сака да се потпира само на инциденцата: Врз основа на високата стапка на вакцинација, методологијата што се применуваше во првите три бранови, па оттука и инциденцата, повеќе не е соодветна, рече баварскиот премиер.
Германскиот министер за здравство Јенс Спан (ЦДУ) ја отфрли можноста на луѓето што целосно се опоравиле од вирусот и на тие што се вакцинирале во иднина да им бидат ограничени контактите и излегувањето. Тој додаде дека целта е да поминеме низ есента и зимата без дополнителни мерки, со помош на почитување на познатите правила за престој во јавен простор – дистанца, хигиена и маски, како и со помош на правилата за 3G во затворени простории.
Министерот за економија Петер Алтмаер (ЦДУ) рече: Според се што знаеме сега, можеме да избегнеме ново затворање за вакцинираните и оние што ја прележале короната.