Претставници на сојузната и покраинските влади на Германија се договорија за продолжување на мерките на затворање до 28-ми март, но со многу можности за отворање во зависност од епидемиолошката ситуација.
„Мораме да преземеме чекори, но тоа мора да бидат чекори кои нема да не вратат назад“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел и нагласи дека Германија „не безгрижно, но со надеж“ влегува во новата фаза од борбата против коронавирусот.
„2021-ва нема да биде како 2020-та година, сега сме многу понапред. Сега имаме вакцини и тестови. Вакцината е излезот од пандемијата“, порача Меркел.
Германската канцеларка најави и поголема флексибилност при вакцинацијата и листите на чекање, со цел што е можно помалку термини да останат неискористени, а најави и вакцинација кај матичните лекари.
Германските власти најавија и чекори кон постепено отворање кои би зависеле од седумдневната стапка на зараза. Од 8-ми март ќе бидат ублажени мерките на ограничување на приватните контакти. Така, во иднина ќе може да се сретнат лица од едно домаќинство со најмногу пет лица од друго домаќинство. Досега беше дозволена средба со само едно лице од друго домаќинство.
Во регионите со седумдневна инциденција под 35, односно, ако бројот на новите случаи на 100 илјади жители во седум дена биде помал од 35, ќе биде дозволена средба на лица од две дополнителни домаќинства со најмногу 10 луѓе.
Продавниците можат да се отворат само во случај на инциденција под 50. При инциденција поголема од 50 дозволено е само купување преку интернет, со можност за подигање на стоката во самата продавница.

Терасите на рестораните и кафулињата смеат да примаат гости само во случај на инциденција под 50 во траење од 14 дена. Од тоа ќе зависи и работата на зоолошките и ботаничките градини, музеите и галериите.
Без оглед на тоа, од 8-ми март е дозволена работата на цвеќарите, библиотеките, педикирите, како и школите за возење и летање.
Германските власти воведоа и „сопирачка“ која овозможува враќање на мерките на затворање во случај на надминување на инциденцијата над 100. Правилото за работа од дома каде што тоа е возможно е продолжено до крајот на април.
За понатамошните мерки, претставниците на сојузната и покраинските влади ќе расправаат повторно на 22-ри март.