Фотографијата за која зборува цела Америка: Додека Бајден положуваше заклетва, непознат човек клекна на гробот на неговиот син…

Додека Џо Бајден вчера ја положуваше заклетвата за претседател на Соединетите Американски Држави во Вашингтон, сеќавањето на неговиот покоен син Бо Бајден остана живо во неговата матична држава.

За време на инаугурацијата на Џо Бајден, односно токму во моментот кога тој ја положуваше заклетвата, новинарката Патриција Талорико поминала покрај гробиштата кај црквата Сент Џозеф во Гринвил во американската сојузна држава Делавер, каде што почива неговиот син Бо Бајден.

Таа забележала осамено униформирано лице клекнато пред гробот на Бо, па направила неколку фотографии. Фотографијата која потоа ја објави на нејзиниот профил на социјалната мрежа Твитер набрзо стана вирална.

Во вторникот, на ден пред инаугурацијата, Џо Бајден одржа говор во центарот на Националната гарда во Њу Кастл кој го носи името на мајорот Џозеф Р. Бо Бајден.

„Жал ми е поради тоа што не е овде. Него требаше да го претставиме како нов претседател“, изјави Бајден во емотивниот говор.

Бо почина во 2015-та година на своја 46-годишна возраст од карцином, а по неговата смрт, Џо Бајден заклучи дека нема да може да се кандидира за претседател на изборите во 2016-та година затоа што тој и неговото семејство биле во жалост.