Луѓето ширум регионот неретко се многу носталгични кон поранешна Југославија, начинот на живот во истата, навиките, храната, изгледот, гардеробата, филмовите, музиката и воопшто трендовите кои ја одбележале таа епоха.
Неодамна корисниците на социјалните мрежи се присетиле како изгледало летувањето во поранешна Југославија и се чини дека тоа било екстремно поразлично отколку денес. Дали било подобро или полошо, оставаме на вас да процените.
Имено, на Фејсбук страницата „Носталгија“ споделена е фотографија од плажа во Хрватска од 80-тите години на минатиот век, а истата прикажува колку само луѓето тогаш биле безгрижни, опуштени и без комплекси.
Од лежалки нема ниту трага ниту глас, многу од луѓето дури немаат ниту пешкири, нема интернет – сите меѓусебно се дружат и зборуваат и се чини како прилично хармонична атмосфера, без стрес и туркање за најдобро место на плажа или пак плаќање за воопшто да бидете на таа плажа.
Фотографијата добила над 7 илјади допаѓања и многу коментари, а сите забележале дека сè тогаш било поопуштено и дека плажите не биле едно од средствата за заработување пари. Сите плажи им биле достапни на сите, а „уценувањето“ со лежалки за да уживате на нив било незамисливо.

„Излегуваш од морето и така мокар легнуваш на песок. И чудо, си преживеал“, „Никаде лежалки, никаде чадор и јас така летував и беше супер“, „Ниту пешкир ниту фактор 50, а ниту чадор, четворица седат на еден душек и не им е тесно. Се смеат, зборуваат, се дружат, задоволни се и благодарни. Некои поранешни времиња беа побогати и похумани, некако нереални како разгледница“, „Песокот без лежалки и чадор, морето беше важно и сонцето и задоволството“, „Ни беше прекрасно, никогаш повеќе нема да го видиме тој опуштен и нормален живот. Немавме многу, но бевме задоволни“, „Имаше место за сите, а не само за оние со подлабок џеб“, биле само дел од коментарите кои се нашле под фотографијата.
