(Фото) Колкави се цените на основните прехранбени продукти денеска во споредба со вчера? Маслото за јадење со цена од над 160 денари по шише

По вчерашната одлука на Владата да не ја продолжи мерката со која беа „замрзнати“ цените на основните прехранбени продукти, денеска во маркетите се среќаваат нови цени на производите.

Од денеска основните продукти како лебот, млекото, маслото за јадење, шеќерот, брашното и јајцата имаат покачени цени за 2, 3, 5 па дури и 20 денари, во зависност од производот, но и од маркетот.

Google search engine

Ваквото покачување на цените доаѓа откако вчера престана да важи антикризната мерка со која ДДВ-то од 5 отсто беше симнато на 0 – мерка која стапи во сила на 17 март годинава.

Во обиколката на неколку маркети која ја направи „360 степени“ може да се забележи дека повеќето од продуктите во сите маркети се поскапени, но највисок скок во цената се забележува кај маслото за јадење.

Маслото за јадење во два различни маркети има различна цена – во едниот е поскапо за цели 20 денари (од 135 на 155 денари), додека во друг е поскапо за 7 денари (од 135 до 142 денари). Од друга страна, на фотографијата која ја објави „Слободен печат“ се гледа дека маслото за јадење во еден маркет чини 162 денари.

Освен кај маслото за јадење, поскапувања има и кај другите прехранбени продукти за кои веќе не важи мерката за 0 отсто ДДВ.

Во првиот маркет вчера цената на брашно тип 400 се движеше од 38 до 50 денари, во зависност од производителот, а денеска во истиот маркет, цената на еден килограм брашно тип 400 се движи од 44 до 58 денари.

Оризот во истиот маркет вчера беше со цена од 66 денари за 800 грама, а денеска истиот продукт се продава 10 денари поскапо, односно за 76 денари, пренесува „360 степени“.

Слична ситуација е и со вториот синџир маркети кој „360 степени“ го посетиле. Брашното тип 400 од различни производители вчера се продаваше за сума од 41 до 47 денари. Денеска, неговата цена се движи во интервал од 43 до 47 денари.

За околу 3 денари од вчера до денеска беше поскапено и млекото во овој маркет. Вчера еден литар од конкретен производител беше 60, а денеска истото млеко чини 63 денари.

Во зависност од тоа каков леб купувате, цените се зголемени помеѓу 6 и 9 денари, пренесува „Слободен печат“.

Освен масовното пазарење во маркетите пред денешните поскапувањата на цените на производите, вчера масовни колони од возила се создадоа и пред бензинските пумпи каде што граѓани чекаа да ги наполнат резервоарите за некој денар поевтино, пред во сила да стапат и новите цени на горивата повисоки за околу 9 денари.

Фото: 360 степени