Фластер наместо вакцина: Британија започнува клинички испитувања на нов облик на имунизација

Британската компанија „Emergex“ со седиште во Оксфордшајр, наскоро ќе започне клинички испитувања на втора генерација вакцина против коронавирус која лесно би се применувала во вид на фластер на кожата и која ќе користи Т-клетки за убивање на заразените клетки.

Таквата вакцина, како што пренесува „The Guardian“, би можела да понуди подолготраен имунитет од сегашните вакцини.

Како што се наведува, вакцината би содржела Т-клетки кои би ги отстранувале инфицираните клетки од телото набрзо по инфекцијата, со што би се спречила репликација на вирусот и болеста. Додека антителата кои ги произведуваат сегашните вакцини против Ковид-19 се држат до вирусот и го спречуваат да ги инфицира клетките, Т-клетките ги пронаоѓаат и уништуваат заразените клетки.

Вакцините како што се Фајзер/Бионтек и АстраЗенека исто така произведуваат одговор на Т-клетките, но во помала мера, наведува „The Guardian“.

Компанијата „Emergex“ добила зелено светло од швајцарскиот регулатор за лекови да спроведе првични испитувања на луѓе во Лозана, кои ќе вклучуваат 26 волонтери кои ќе примаат големи и мали дози од нејзината експериментална вакцина против коронавирус од 3-ти јануари следната година.

Привремените резултати од испитувањата се очекуваат во јуни наредната година, додека вакцината би можела да биде подготвена за употреба во 2025 година.

Моменталните вакцини генерално предизвикуваат одговор на антитела кои со текот на времето опаѓаат, што значи дека на луѓето им се потребни дополнителни дози за да се одржи заштитата од вирусот.

„Вакцината „Emergex“ делува поинаку, брзо ги убива заразените клетки. Тоа значи дека би можела да понуди подолготраен имунитет, веројатно со децении, и може да биде подобра во борбата против мутациите на вирусот“, вели директорот на компанијата, Робин Коен.