Филипче потврди дека ќе се вакцинира, но јавноста не го заборава скандалот со неговата внука – ќе остане ли министерот доследен на зборот?

Во гостување во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител, министерот за здравство д-р Венко Филипче изјави дека ќе се вакцинира против Ковид-19.

Тој упати апел до граѓаните дека се работи за безбедна вакцина со која ќе се подигне имунитетот на населението ширум целиот свет и со тоа животот ќе се врати во нормала.

Google search engine

„Апсолутно да, ќе се вакцинирам, да покажам и докажам дека луѓето треба да се вакцинираат. Вакцините се сигурни, ние го пратевме нивниот процес на развој и сите фази од клиничките студии. Тоа ќе биде тоа што ќе ја смени сликата во светот. Искрено верувам дека следната есен, следната Нова Година навистина нема да има потреба за мерки никаде во светот, дека нема да има рестрикции, дека вакцината значајно ќе го подигне имунитетот и животот постепено ќе се врати во нормала“, изјави Филипче.

Министерот посочи дека станува збор за еден сосемa безбеден и веќе установен систем кој што компаниите многу добро го знаат и имаат експертиза и искуство.

„Сите вакцини кои што се развиваат во светот во овој момент се развиваат на сосемa безбедни платформи. Тоа се платформи, дали се тоа RNK, предизвикувач итн. кои што се добро познати и на која што основа се развиваат сите други вакцини кои што се достапни за другите болести на морбили, HPV“, додаде тој.

Филипче отсекогаш се залагал за вакцинација, без разлика за која болест станува збор, а тоа сака да го докаже и преку личен пример. Минатата година, министерот објави фотографија на која ја вакцинира својата внука Илина, во екот на епидемијата на морбили која ја зафати нашата земја, но и целиот свет.

Но, фотографијата наместо да ја поткрене свеста, предизвика револт кај граѓаните кои тврдеа дека внуката на министерот не била вакцинирана туку била искористена само за маркетинг на социјалните мрежи.

Ваквите обвинувања пристигнаа по бројните коментари на социјалните мрежи на кои се пишуваше дека е очигледна лага бидејќи на фотографијата се гледа дека не е тргнато капачето од иглата на вакцината и медицинската сестра не носи ракавици.

 

 

Две недели подоцна, министерот Филипче во интервју за „Радио Слободна Европа“ призна дека неговата внука била премногу мала за да биде вакцинирана од МРП, но објавата била во насока да се уверат сите граѓани и родители на мали деца дека вакцините се безбедни.

„Секогаш е добро да се покаже со личен пример дека нешто е вистина, дека нешто е вистински чекор и дека нешто е вистинска политика. И во таа насока беше вакцинирањето на мојата мала внука, која е сѐ уште мала и не може да биде вакцинирана од МРП, меѓутоа и објавата беше во насока на тоа дека ние како здравствени власти ги уверуваме сите граѓани, родителите на малите деца дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден, дека тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Мојот чин беше во однос на сите овие аргументи“, изјави Филипче во интервјуто.

По ваквиот скандал и денешната изјава на министерот дека ќе се вакцинира, останува прашањето дали ќе остане на зборот и ќе го стори тоа откако вакцините против коронавирусот ќе пристигнат во нашата земја или сето тоа повторно ќе биде „сторено“ само за маркетинг цели? Што мислите, каков е вистинскиот став на здравствените власти за вакцините против Ковид-19 и вакцините, општо?